Основните и средните училишта ќе одработуваат во саботите четири работни дена, бидејќи зимскиот распуст ќе биде продолжен за еден ден, а во јуни последните два дена од учебната година паѓаат во викенд. Од Министерството за обрзаование и наука велат дека според планот за работа на училиштата во текот на учебната година треба да се одработат 180 дена, а според распоредот за работа годинава ќе недостасуваат четири работни дена, кои што учениците ќе треба да ги одработат во две саботи во првото полугодие и две во второто полугодие.
„Зимскиот распуст требаше да заврши на 19 јануари, односно тогаш треба да почне второто полугодие. Но, 19 се паѓа во петок и за да не се крати од распустот, практично второто полугодие ќе почне од понеделник на 22 јануари. Денови се губат и со тоа што 9 и 10 јуни се паѓаат за викенд и нема доволно денови за да се одработат предвидените 180 работни дена. Затоа донесена е одлука деновите што недостигаат да се одработат“, велат од Министерството за образование и наука.