Учениците немаат доволно познавања за сексуално преносливи инфекции, а тоа го увидовме преку предавањата, програмските активности и содржини, рече денеска Нина Кнагс , професорка во Средното медицинско училиште, „Д-р Панче Караѓозов“ . Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за 1 декември – Светски ден против СИДА, во соработка со средното училиште организираше работилница за средношколци, спроведена од тим на средношколци кои им пренесоа знаења на своите соученици, пријатели и познаници на тема сексуално преносливи инфекции, со фокус на важноста од ХИВ превенцијата
„Учениците честопати влегуваат во незаштитени сексуални односи, без да се свесни за последиците, како пренесување на сексуално преносливи инфекции или опасност од непланирана бременост. Важно е младите да имаат каде да се обратат за да добијат точни информации пред сè, но и во случај на некое сомнение. Затоа, Младинскиот центар ‘Сакам да знам’ е од исклучителна важност, бидејќи претставува безбеден простор каде младите можат да се тестираат бесплатно и доверливо и да добијат одговор на секое нивно прашање“, рече професорката.
Драган Кочински, раководител на Оддел за епидемиологија на заразни заболувања во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вели дека според податоците од Светската здравствена организација (СЗО) во 2023, околу 39,9 милиони луѓе живеат со ХИВ на глобално ниво. Приближно 630.000 луѓе починале од причини поврзани со ХИВ во 2023. Се проценува дека 1,3 милиони луѓе се заразени со ХИВ во 2023.
„Во делот на активности за справување со епидемијата на ХИВ, важно е да продолжиме со бесплатното и доверливо тестирање кое е достапно низ повеќе центри и граѓански организации во земјата, секое лице кое живее со ХИВ да има пристап до современо лекување, што овозможува долг и квалитетен живот и заедно со невладините организации, да продолжиме да работиме на подигање на свеста и намалување на стигмата“, рече Кочински.
Програмската раководителка во ХЕРА Ева Спасевска повтори дека превенцијата за ХИВ е клучна, но жал во континуитет се намалуваат токму средствата за превенција од Превентивната програма за ХИВ-инфекцијаи потсети дека постои опасност од престанок на услугите кои ги користат над 8.000 граѓани и со кои се спречува епидемија на ХИВ и се обезбедува животоспасувачка превенција.
„Со инвестирање во превенција и тестирање ќе откриеме повеќе луѓе кои живеат со ХИВ, а не се свесни за истото, што на долг рок ќе резултира со драстично намалување на бројот на нови инфекции и потиснување на епидемијата. ХЕРА како и другите граѓански организации кои работат во оваа област, се важен партнер на институциите затоа што тие работат и со граѓаните на терен и имаат контакт со ранливите заедници и лицата кои имаат отежнат пристап, или воопшто немаат пристап до здравствени услуги. Потребен е заеднички ангажман на сите чинители затоа што здравјето е право, а не привилегија и одржување на услугите за превенција е во корист на сите граѓани“, кажа Спасевска.