Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа, кажа лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција во партијата откако заврши лидерската средба на која тој не присуствуваше. Филипче кажа дека слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар и затоа неопходни се реформи по европски стандарди, посебно во делот на правосудството.
„Кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба, според препораките на оценската мисија, на луѓе експерти од Европската Унија, кога сите тие реформи, закони не само што ќе се донесат, туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата, тоа е моментот кога ние како држава ќе бидеме спремни да се укине техничката влада, и тоа е клучно“, рече Филипче.
На лидерската средба присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на „Вреди“ Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев.
А. АНТЕВСКА



