На Плоштадот Македонија во Скопје денеска беше одбележан Денот на независноста на Украина. Странските амбасадори во земја со знамиња во рацете дадоа поддршка на Украина која веќе 6 месеци е во војна, откако беше нападната од Русија на 24 февруари.
Дел од програмата за одбележување на независноста на Украина беше и поставување светски рекорд за изведување на националната химна на Украина која се пееше истовремено во 50 земји во светот.
На 24 август 1991 година Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз, а по 31 година денеска го слави Денот на независноста во услови на војна. Токму на 24 февруари започна руската агресија врз Украина, така што граѓаните на оваа земја денеска одбележуваат и шест месеци од одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет.