Министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека одлуката на Вишиот управен суд за поништување на одлуката на Владата за раскинување на договорот за концесија со „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, автоматски значи и спојување на концесиите. Откако Истражувачката репортеска лабараторија (ИРЛ) денеска објави дека Бектеши ги измамил министрите на владина седница велејќи им дека Управен суд донел одлука за спојување на концесии, САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до министерот. Го прашавме зошто побарал спојување на концесиите кога Управен суд немал таква одлука, дали ги измамил министрите во Владата и дали планира да поднесе оставка.
Од Кабинетот на Бектеши ни одговорија дека во образложувањето на одлуката на Управниот суд со која се пресуди во полза на инвеститорот, стоело дека пред Министерството за економија пред да донесе било какво решение во однос на барањето на инвеститорот, требало да се постапи и по барањето на инвеститорот за спојување на концесиите Иловица 6 и Иловица 11.
„Според пресудата на Управниот суд од 31.03.2020 година Барањето за спојување на двете концесии од административна природа претставува претходно прашање. Рушејќи го аргументот на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија, односно Решението со кое се одбива барањето за дозвола, Управниот суд сега практично ја задолжи Владата да одлучува по ‘претходното прашање’, односно барањето на инвеститорот за спојување на двете концесии. Ова барање од страна на инвеститорот било поднесено уште на 28 јануари 2016-тата година до Министерството за економија“, велат од Кабинетот на Бектеши.
- КРЕШНИК БЕКТЕШИ ЈА ИЗЛАЖАЛ ЦЕЛА ВЛАДА ДА ГЛАСА ЗА СПОЈУВАЊЕ НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА РУДНИЦИТЕ СО НЕПОСТОЕЧКА ОДЛУКА, ВЕЛАТ СПАСОВСКИ, ШУКОВА И ПЕТРОВСКА
-
ВЛАДАТА ДА НЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА-ШТУКА, БАРАА АКТИВИСТИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦА
„Според Записникот на Министерството, не постојат правни и фактички пречки за барањето да се одбие и двете концесии претставуваат една целина. Ваквото позитивно мислење било препратено до Владата, но одговор на барањето немало и во меѓувреме Владата решила и да го раскине Договорот. Сега, со судската пресуда на Управниот суд, Владата беше обврзана да решава по барањето на инвеститорот, а според Записникот на Министерството за економија одлуката за спојување на концесиите е во согласност со законските одредби“, додаваат од Министерството за економија.
Од Министерството велат дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии. Не се доделуваат нови права на концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.
„Доколку не се постапеше по одлуката на судот, тогаш концесионерот би имал основ да тужи, а имајќи во предвид дека е странски инвеститор, тогаш би можел правдата да ја бара и пред арбитражен суд каде што одговорноста и материјалната штета би била огромна. Владата и Министерството за економија нема да дадат дозвола за отворање на рудник во Иловица без предходна консултација и одобрение од локалното население“, додаваат од Министерствотово.
Во текстот на ИРЛ, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за животна средина Каја Шукова и за одбрана Славјанка Петровска. потврдуваат дека на владината седница кога се носела одлуката биле изманипулирани од министерот за економија Бектеши.
Денеска, министерката за животна средина Шукова, пред одржување на протестот против рудниците на кој присуствуваше во Струмица на прес-конференција кажа дека Владата повторно ќе ја преиспита одлука за спојување на концесиите, за што веќе се побарани дополнителни информации од Министерство за економија.
„Не се зголемува обемот на експлоатација туку административно се спојуваат две концесиски полиња, но дополнително ќе ја преиспитаме веќе донесената одлука“, рече Шукова.
А. АНТЕВСКА