ВЛАДАТА ДА НЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА-ШТУКА, БАРАА АКТИВИСТИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦА

    ВЛАДАТА ДА НЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА-ШТУКА, БАРАА АКТИВИСТИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦАГраѓани заедно со еко-активистите од Струмичко со блокада на центарот во Струмица изразија револт и гнев од владината одлука за спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато на „Еуромакс“. (Фото: СДК.МК)

    Ако се отвори рудник, овој зеленчук во Струмичко нема да го има, а оваа коса што ја држам е симболика дека рудникот сите ќе нè покоси, им рече струмичанецот Делчо Ѓоргиев на министерките за труд и социјална политика и за животна средина, Јованка Тренчевска и Каја Шукова, кои денеска беа на протестот против отворање рудник за бакар и злато Иловица-Штука на планината Огражден.

    Граѓани заедно со еко-активистите од Струмичко со блокада на центарот во Струмица го изразија својот револт и гнев од владината одлука за спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато на „Еуромакс ресоурцес“. Според нив, сето тоа е направено таинствено, далеку од очите на јавноста иако Управниот суд го нема наложено тоа.

    „Народот е гневен, поминати се сите црвени линии со последната одлука на Влада која е донесена тајно во климатизирани простории. Станува збор за две мртви концесии. Рудник во Струмичкото Поле нема да има. Ние златото го копаме по струмичките ниви и нема да отстапиме ниту една педа. Владата да го стави прстот на чело и да застане на страната на народот кој веќе седма година се бори против криминал, корумпирани политичари, судии. Нема да застанеме тука. Се надеваме дека Владата на следната седница ќе ја исправи својата грешка“, рече Милена Зафирова од „Здрава котлина“.

    Министерката за животна средина Шукова, пред одржување на протестот  на прес-конференција кажа дека Владата повторно ќе ја преиспита одлука за спојување на концесиите, за што веќе се побарани дополнителни информации од Министерство за економија.

    „Не се зголемува обемот на експлоатација туку административно се спојуваат две концесиски полиња, но дополнително ќе ја преиспитаме веќе донесената одлука“, рече Шукова.

    „Ако се отвори рудник, овој зеленчук во Струмичко нема да го има, а оваа коса што ја држам е симболика дека рудникот сите ќе нè покоси“, им рече струмичанецот Делчо Ѓоргиев на министерките за труд и социјална политика Јована Тренчевска и за животна средина Каја Шукова кои денеска беа присутни на протестот во Струмица против отворање рудник за бакар и злато Иловица-Штука на планината Огражден. (Фото: СДК.МК)

    Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ) денес објави дека министрите на владината седница кога се носела одлуката биле изманипулирани од министерот за економија Крешник Бектеши, кој ја поставил точката на дневен ред со образложение дека Управниот суд барал да се спојат двете концесии, а таква одлука од судот нема. Ова во текстот го потврдуваат тројца министри, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за животна средина Каја Шукова и за одбрана Славјанка Петровска.

    На протестот во Струмица активистите побараа итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука и одговорност од сите одговорни лица од Владата кои биле вклучени во нелегалниот процес на спојување на концесиите. (Фото: СДК.МК)

    На протестот во Струмица активистите побараа итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука поради прекршување на Законот за минерални суровини, разрешување на претседателите на Управен и Виш Управен суд поради тендециозната погрешна примена на законите, одговорност од сите одговорни лица од Владата кои биле вклучени во нелегалниот процес на спојување на концесиите. Побараа Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одгворни лица од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување и злопупотреба на службната положба и овластување.

    На овие барања од „Здрава котлина“ се потпишаа и 50-тина други граѓански организации, но и професори кои сметат дека во Струмичко не треба да се гради рудник.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира