Управниот суд ги потврди одлуките на Државната изборна комисија, одбивајќи ги сите 185 тужби од политичките партии за предвремените парламентарни избори на 15 јули. Најголем дел од тужбите беа од партијата Левица, која имаше поднесено 101 тужба против одлуките на ДИК.
Од Управниот суд велат дека сега пресудите треба да бидат изготвени и верификувани, по што ќе бидат испратени до ДИК и до партиите. Откако ДИК ќе ги добие одлуките ќе ги објави конечните официјални резултати од изборите и ќе им ги врачи уверенијата за мандатите на новите 120 пратеници во Собранието. Според предвидените рокови, конститутивната седница треба да биде закажана најдоцна до 4 август.
Претседателот Стево Пендаровски во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието треба да го додели мандатот за формирање влада, а мандатарот потоа има рок од 20 дена да предложи состав и програма на владата.
Според конечните неофицијални резултатите од изборите, СДСМ и коалицијата освоија 46 пратeници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците 12, Левица 2 и ДПА 1.