УШТЕ ДВА АВИОНА ОД МИНХЕН И ЉУБЉАНА СТИГААТ ДЕНЕСКА, ЧУЛЕВ ЗА ПРВПАТ РЕГИСТРИРА ДЕН БЕЗ ПРЕКРШУВАЊЕ НА САМОИЗОЛАЦИЈАТА

    УШТЕ ДВА АВИОНА ОД МИНХЕН И ЉУБЉАНА СТИГААТ ДЕНЕСКА, ЧУЛЕВ ЗА ПРВПАТ РЕГИСТРИРА ДЕН БЕЗ ПРЕКРШУВАЊЕ НА САМОИЗОЛАЦИЈАТАБеспрекорна ни е соработката со АРМ, кажа министерот за внатрешни работи Чулев. (Фото: СДК.МК)

    За времетраењето на полицискиот час од 22 март до утринава во 5 часот, 502 граѓани од кои најголем број се на возраст 18 до 67 години, не ја почитувале мерката. Има меѓу нив и 26 лица кои се малолетници. Од овие кои не ја почитувале и давале отпор пред полицијата, приведени се 199 лица, од кои 14 се малолетни.

    Опоменатите лица се 136. За приведените, се поднесуваат прекршочни или кривични пријави, ја претстави статистиката министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска.

    Од 26 февруари до денес, издадени се 1.620 решенија за изолација. Од нив 90 се издадени во последните 24 часа. Последното деноноќие не е констатирано ниту едно решение за изолација, што е многу позитивен показател, рече Чулев. Потпишани се вкупно 9.025 решенија за самоизолација, од кои 99 изјави во последните 24 часа.

    Досега се поднесени вкупно 123 кривични пријави против лица кои не ги почитувале мерките за (само) изолација, по член 2016 од КЗ, за непостапување по мерките против ширење зараза.

    АРМ е во поддршка на полицијата, под раководство на МВР, т.е. на Чулев. Беспрекорна е соработката со АРМ, рече Чулев и наброја десетици објекти што ги обезбедуваат заедно, почнувајќи од границата, преку државните институции, па се до хотелите каде се чуваат вратените граѓани од странство и оние кои претходно таму биле ставени во карантин.

    Од Малме и Загреб вчера со хуманитарен конвој се вратени вкупно 290 патници, а денес се очекуваат и 2 авиона од Љубљана и Минхен. Вкупно 1.082 граѓани се сместени во државен карантин, рече Чулев.

    Моментално 19 капацитети се оспособени за оваа намена, а распоредот на граѓаните го прави Генералниот секретаријат на Владата.

    Но, надлежните институции подготвуваат и објекти за граѓаните кои нема да ги почитуваат мерките за изолација и самоизолација, каде ќе бидат сместени во карантин, на сопствена сметка, рече тој.

    „Како министер за внатрешни работи можам да заклучам дека донесените мерки и препораки на Владата за да го заштитиме животот и здравјето на граѓаните, генерално се почитуваат од сите граѓани. Тие се совесни и свесни што се случува и даваат свој влог во тоа да ѝ помогнат на Владата во справување со пандемијата со коронавирус во нашата држава“, рече на крајот Чулев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира