УШТЕ ТРИ ЛИЦА ОД ГЕВГЕЛИЈА И ПЛАСНИЦА ЈА НАПУШТИЛЕ САМОИЗОЛАЦИЈАТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ДА БИДАТ КАЗНЕТИ 2.000 ЕВРА

    УШТЕ ТРИ ЛИЦА ОД ГЕВГЕЛИЈА И ПЛАСНИЦА ЈА НАПУШТИЛЕ САМОИЗОЛАЦИЈАТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ДА БИДАТ КАЗНЕТИ 2.000 ЕВРАОбвинетите на 13 овој месец со авионски лет допатувале од Германија, земја со висок ризик на зараза и контактирале со други луѓе па биле и во отсекот за управи работи во Валандово - (Фото: К.Попов)

    Само што техничкиот премиер Оливер Спасовски кажа дека Владата бара од претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба, која нема да значи ограничување на слободното движење на граѓаните, Јавното обвинителство пушти соопштение за уште две потенцијално заразени лица, кои своеволно излегле од изолација.

    Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија денеска до Основниот суд – Гевгелија достави Предлог за издавање на казнен налог против две лица за сторено кривично дело Непостапување според прописите за време на пандемија предвидено и казниво по член 206 од Кривичниот законик. Во предлогот обвинителството бара лицата да се огласат за виновни и да им биде изречена парична казна во висина од по 100 дневни глоби или вкупна вредност од 123.000 денари за двете лица.

    „Обвинетите на 13 овој месец со авионски лет допатувале од Германија, земја со висок ризик на зараза, на Меѓународниот аеродром во Скопје. Покрај упатството со кое им било укажано за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, тие не постапиле по Одлуката на Владата на РСМ за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирус. Во периодот од 14.03.2020 до 17.03.2020 година контактирале со повеќе лица, дури и биле во Отсекот за управни работи во Валандово“, соопшти Обвинителството.

    Истовремено, МВР фати и му поднесе кривична пријава за истото кривично дело на 53-годишно лице од Пласница кое на 16.03.2020 година влегло на Табановце, а изјавило дека престојувало во Словенија. Иако своерачно лицето потпишало дека 14 дена ќе биде во задолжителна самоизолација, по 2 дена полицијата го открила во автомобил „фиат пунто“ на регионалниот пат Кичево-Македонски Брод.

    И ова лице оди пред обвинител, па на суд.

    Вчера со 50 дневни глоби за истото кривично дело, беше поднесен предлог до Основниот суд Кавадарци за лице од Росоман кое ја напуштило самоизолацијата и заминало на утовар на стока во Струмица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира