Во Македонија до 7 март се регистрирани 173 болни од голема кашлица, од кои 151 во Скопје, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се во Скопје (43), а пријавени се и случаи во Тетово (3), Кочани (1), Кавадарци (1), Куманово (1) и Битола (1).
Возраста на заболените се движи од нула до 40 години, а најголем број случаи се деца на возраст од 10 до 14 години (15).
Од новите 50 случаи, петмина се хоспитализирани, и тоа четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од 1-4 години.
Од вкупно заболените 173, најголем број живеат во Скопје – 151 (87,3%) во 12 општини, осум се од Тетово, пет од Куманово, во Гостивар има два и по еден случај е регистриран во Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани.
Заболените лица се на возраст од еден месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 27 случаи (15,6%) припаѓаат на возрасната група под една година, а 22 (12,7%) се деца на возраст од 1 до 4 години. Во возрасната група 10-14 години се пријавени 43 случаи (24,9%).
Од вкупниот број регистрирани случаи (173), 102 (58,0%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од целосно вакцинираните (56), просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 11,9 години.
Од вкупно заболените, 33 се хоспитализирани (19,0%), од кои 28 (84,8%) на возраст до четири години.
Во однос на вакцинацијата, од 18 јануари до 7 март, во Скопје се пронајдени 13.593 деца кои пропуштиле вакцинација. Согласно возраста и календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 8.330 деца на возраст до 7 години, а најголем број од вакцинираните деца примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација. Вкупно биле дадени 14.086 вакцини кои ја содржат компонентата против голема кашлица.
Во остатокот од Македонија пронајдени се 7.394 деца кои пропуштиле вакцинација. Согласно возраста и календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 8.545 деца на возраст до 7 години, а најголем број од вакцинираните примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација. Дадени се 11.105 вакцини кои ја содржат компонентата против голема кашлица.
Од понеделник (11 март) ќе биде забранет прием во градинките на деца кои не се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани со ДиТеПер вакцината, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат на 11 март со издавање Решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер и други наложени епидемиски мерки. Исто така, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДиТеПер. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, а за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје“, соопшти ДСЗИ.
Б. НЕСТОРОСКА