УШТЕ ТРИ БЕБИЊА СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ДЕНЕС ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ВО 5 СКОПСКИ ШКОЛИ

    УШТЕ ТРИ БЕБИЊА СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ДЕНЕС ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ВО 5 СКОПСКИ ШКОЛИЛекарите апелираат сите невакцинирани да ја примат вакцината, оти од компликации од мали сипаници на скопските клиники се лекуваат педесетина лица, од кои три деца и двајца возрасни се во тешка состојба (Фото: УНИЦЕФ)

    Уште три деца на возраст од пет месеци до една година со мали сипаници вчера се примени на Клиниката за инфективни болести, а два деца и двајца возрасни се во потешка здравствена состојба поради компликации од болеста. Трите деца не биле вакцинирани. На Клиниката за детски болести во тешка состојба е едно дете, кое од минатата недела е префрлено на одделот за интензивна нега и е ставено на респиратор.

    „Лекувањето на детето со церебрална парализа ќе потрае, бидејќи на тоа влијае и првичната дијагноза што ја има. Во потешка состојба се двајца возрасни и едно дете, кои имаат тешки пневмонии. Во моментов, на Клиниката имаме 34 пациенти од кои 18 возрасни и 16 деца. Освен новопримените деца, вчера амбулантски е прегледано и едногодишно дете и пуштено на домашно лекување. Сите новопријавени деца со мали сипаници не биле вакцинирани“, вели директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ.

    Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ вели дека во моментов на клиниката имаат 13 деца со мали сипаници, од кои едно од минатата недела е на интензивна нега.

    „Освен од Скопје има и од другите градови и кај нас се најтешките случаи. Препораките до колегите од другите градови беше полесните случаи таму да ги третираат, бидејќи и кај нас и на Инфективна е ограничен капацитетот и не може сите да ги примиме. Повеќето од нашите пациенти се бебиња, и обично се на возраст кога не подлежат на вакцинација. Апелираме до родителите да ги вакцинираат децата, како и до сите возрасни што не се вакцинирани или не се сигурни во својот статус, бидејќи со подигање на колективниот имунитет помагаат да се заштитат токму најмалите“, вели Ставриќ.

    Теренската вакцинација на невакцинираните деца во училиштата продолжува и денес, односно тимовите за вакцинација во Скопје треба да поминат во пет основни училишта. Во четвртокот, според податоците од Здравствен дом Скопје, во 13 училишта биле вакцинирани 30 деца.

    „Имавме дежурни диспанзери и за празниците, но слаба беше посетеноста. Како ќе се одвива вакцинацијата денес ќе знаеме до крајот на денот. Со теренската вакцинација ќе продолжиме дури не ги поминеме сите училишта“, вели Директорот на здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ.

    Според извештајот од Институтот за јавно здравје кој беше објавен во четвртокот, досега од мали сипаници заболеле 1.175 лица, од кои 95 се новопријавени само минатата недела.

    Епидемијата на морбили во целата земја беше прогласена непосредно пред почетокот на одбележувањето на Европската недела на имунизација, која се одвиваше од 24 до 30 овој месец, која и оваа година се одбележа под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај“. Здравствените власти тогаш најавија и две нови вакцини, односно за рота вирусот и пневмококната вакцина, кои влегуваат во редовниот календар за имунизација кој ќе почне да важи од јуни.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира