Во заклучоците од вчерашниот состанок на Европскиот совет во Луксембург се вели дека за Македонија е отворен патот за почнување пристапни преговори со ЕУ во јуни следната година, но за да се случи тоа Советот очекува опипливи и долготрајни резултати, фокусирани поконкретно на:
- Судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди за случаите за корупција и организиран криминал, вклучувајќи ги и тие на високо ниво
- Реформи во разузнавачките и безбедносните служби
- Реформи во јавната администрација
Европскиот совет потсетува на важноста на продолжување со расчистување на незаконските дела откриени преку прислушуваните разговори, а мора да биде утврдена и одговорноста за нападот во Собранието на 27 април лани.
Советот нагласува дека е потребно Македонија да продолжи да ги имплементира Итните реформски приоритети на Прибе и да испорача конкретни резултати од борбата против корупцијата.
Советот ја повика Европската комисија да го следи напредокот во реформите на Македонија и потсетува дека конечната одлука за почнување преговори треба да биде донесена во националните парламенти на земјите членки, по што на крајот од 2019 година би следела првата Меѓувладина конференција, во зависност од постигнатиот напредок.
Европскиот совет го поддржува потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името со Грција и очекува договорот да биде ратификуван и имплементиран.