УСТАВНИОТ СУД ОД 9, ОСТАНУВА САМО НА 5 СУДИИ, ОД СОБРАНИЕТО ДОБИ ТРЕТМАН КАКО НАЈНЕБИТНА ИНСТИТУЦИЈА

    УСТАВНИОТ СУД ОД 9, ОСТАНУВА САМО НА 5 СУДИИ, ОД СОБРАНИЕТО ДОБИ ТРЕТМАН КАКО НАЈНЕБИТНА ИНСТИТУЦИЈАОд јуни се пензионирани Елена Гошева, Сали Мурати и Никола Ивановски, а на местото на овие уставни судии Собранието не избра нови. (Фото:СДК.МК)

    Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска го известила собранискиот спикер Талат Џафери дека за два месеца и четвртото столче таму останува празно.

    Од јуни се пензионирани Елена Гошева, Сали Мурати и Никола Ивановски, а на местото на овие уставни судии Собранието не избра нови. Уставниот суд оттогаш работи само со 6 судии, а сега ќе остане со 5. Деветгодишниот мандат му завршува и на судијата Јован Јосифовски.

    Собранието и комисијата за избори и именувања се неспособни со месеци да изберат нови судии на упразнетите места. Од една од најважните, Уставниот суд доби третман на најнебитна институција.

    Обидот на комисијата во јуни да се изгласаат тројца кандидати за уставни судии, што би ги гласале потоа пратениците на пленарна седница, прерасна во војна. Зад затворени врати ќе се испотепаа членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

    Работата на комисијата беше блокирана подолго време, до почетокот на кампањата за локалните избори не се успеа да се утврдат кандидати за упразнетите места во Уставниот суд.

    Сега се комплицира работата што претседателот на комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов, си замина од пратеничката функција, стана градоначалник на Струмица. И други пратеници станаа градоначалници, па Собранието, кое дури во петок ќе има прва седница после огромна пауза за локалните избори, ќе треба првин да ги верификува мандатите на новите пратеници, кои доаѓаат на местото на овие што освоија градоначалнички места.

    Потоа ќе се пополнувале комисиите, меѓу кои е и оваа за избори и именувања на местото на пратениците што си одат.

    Не се знае кога ќе дојде на ред изборот на уставни судии, велат пратениците со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Секој член на Комисијата за избори и именувања има право да предлага кандидати за уставен судија и тие предлози се гласаат за на пленарна седница, која не е закажана.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира