УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕЛОТ ОД ЗАКОНОТ ШТО ГИ САБОТИРА НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ИЗБОРИ ЗАРАДИ ГОЛЕМИТЕ ПАРТИИ

    УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕЛОТ ОД ЗАКОНОТ ШТО ГИ САБОТИРА НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ИЗБОРИ ЗАРАДИ ГОЛЕМИТЕ ПАРТИИЌе се преиспитува колку овие два члена се уставни, бидејќи според мнозинството од 9 уставни судии, овие членови ги поткопуваат темелните вредности на нашиот Устав. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд со 5 спрема 4 гласови на судиите, поведе постапка против членовите 17 и 18 од Изборниот законик, кои ги саботираат независните кандидати за избори и кои се во корист само на големите партии.

    Ќе се преиспитува колку овие два члена се уставни, бидејќи според мнозинството од 9 уставни судии, овие членови ги поткопуваат темелните вредности на  Уставот.

    Судија-известител за овој предмет е професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска. Нејзиниот исцрпен и детален реферат пред една недела беше во насока да се поведе постапка за оцена на уставноста на дискриминирачките одредби.

    Исто како подносителите на иницијативата, и таа смета дека со измените од Изборниот законик преку зголемување на бројот на потписите потребни за кандидирање на независните кандидати, тие се елиминираат од изборниот процес и им се оневозможува да го остварат правото на кандидирање како елемент на пасивното избирачко право, при што не само на нив, туку и на граѓаните им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување, бидејќи нивниот избор се сведува само на партиските кандидати и на политичко дејствување во рамки на политичките партии.

    Најголема разлика се прави за скопските општини и за Град Скопје, каде со новите измени независните ќе треба да соберат 4.6 пати повеќе потписи за советници и градоначалник. Ако за Град Скопје порано требаа 1.000 потписи за независен кандидат за градоначалник, сега за да поднесе кандидатура ќе му требаат 4.664. За политичка партија потребно е да се соберат само 1.000 потписи.

    Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.

    Попрецизно, со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината или Градот Скопје. Претходно во една општина која има до 10.000 жители, требаше да се соберат најмалку 100 потписи, во општина од 10.000-30.000 жители беа потребни најмалку 150 потписи од запишаните избирачи, или најмногу 1.000 потписи беа потребни во Градот Скопје, за кандидатура на група избирачи.

    Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

    Подносители на иницијативата се: Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира