Уставниот суд вчера го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој претходната влада на Никола Груевски прогласи над 100 објекти што ги пикираше од цела Македонија за објекти од посебен интерес за државата. Со помош на овој член Владата им ги одзеде правата на општините, изработуваше планско-урбанистичка документација за објектите, и од бизнис и популистички мотиви ги пренамени во хотели, станбени згради, деловен простор, тениски игралишта, спортски сали, чешми…
Сега, кога веќе го нема веќе овој член, не може веќе никој да им прави упад на општините во урбанистичките планови и од чистo бизнис причини да им киднапира објекти кои божем биле од посебен интерес.
Но, новата Влада на Зоран Заев треба сега, кога Уставниот суд го укина овој член за прогласување објекти од посебен интерес за државата, да ги отвори една по една овие одлуки и таму кај што не се почнати, или градбите се на почеток, да ги отповика и укине. Тоа треба да се направи веднаш, појаснуваат уставните судии.
Сè до вчера не се знаело дали ќе остане мнозинството од петте гласа во Уставниот суд, па затоа градоначалникот Андреј Жерновски пред еден месец ги повлекол сите урбанистички планови во Општина Центар, за со сигурност да се спасат од барокизирање Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет и Народната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св Климент Охридски“. Тие се меѓу оние претходно прогласените од Владата на Груевски за објекти од посебен интерес, со што агресивно беа нападнати да бидат преслечени во барок.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека со ова настрадале милионски бизниси поврзани со претходната власт, поради што веќе почнале во Уставниот суд да стигаат иницијативи против тоа.
На уставните судии им бил вршен притисок да не го укинуваат овој член, а особено да не прогласат мораториум за градење до изјаснувањето на Судот. Во април, кога Судот одлучи да расправа за иницијативата за укинување на членот 50 од Законот, беше донесена и времена мерка за забрана на градежните активности на овие прогласени објекти, но потоа во прегласување без преседан во Уставниот суд, мораториумот беше тргнат.
Притисоците врз судиите биле зашто на ВМРО-ДПМНЕ ѝ било неопходно 100-тината такви објекти низ цела Македонија да ги заврши до октомври годинава, кога треба да се одржат локалните избори. Нивната реализација била потребна за да има партијата на Груевски со што да се фали во кампањата за освојување што поголем број градоначалнички мандати.
Тие киднапирани објекти под назив „…од посебен интерес…“, се објавувани во изданијата на Службен весник, од 2015 наваму. Најголемиот дел од нив веќе се во изградба. Меѓу нив има и одлуки за изградба на катни гаражи, станбени згради, трговски центри и слично.
Според Службен весник, тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески на 22.09.2015 потпишал градба од посебен интерес во Општина Центар, улица Јордан Мијалков, за станбени објекти и дел од Градски Парк и ПУИГ, од вкупна површина 15.136 м2.
Вицепремиерот Владимир Пешевски потпишал одлука за преслeкување во барок на ГТЦ, МОБ и Универзитетска библиотека. Донесена е и одлука за утврдување градба од посебен интерес заради изработка на урбанистичко-планска документација „Кригла“, паркинг односно катна гаража, и за комерцијални и деловни намери на местото на бараките на Град Скопје за деловен објект односно хотел долг 100м и висок 30 ката.
Но, има и одлуки за прогласување објекти од посебен интерес и надвор од Скопје, без никакви критериуми, заради изработка на урбанистичко-планска документација: за домување во Злетово, Општина Пробиштип, за домување, комерцијални и деловни намени и зеленило и спорт за Зелениково и Орешани, домување Бајково, Ново Село, за изградба на комерцијални станови деловни и јавни институции во Демир Капија, за домување во Лозово, Демир Хисар, за производство и сервиси во Лавци, за домување во Соколарци, Чешиново-Облешево, Кривогаштани, Ѓорче Петров, Пехчево, Арачиново, Ресен, Новаци, Нов Дојран, Таринци Карбинци, Богданци, Младо Нагоричане…
С. К. ДЕЛЕВСКА