Се одложи седницата на Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за јазиците. Уставните судии со пет гласа „за“ и еден „против“ денеска одлучија прво да се одржи подготвителна седница и да се чујат мислења на експерти, па потоа да се одлучува.
„Дали за еден, два, три месеци плус или минус, овој суд ќе донесе одлука“, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
На седницата не беа присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Судијата Фатмир Скендер, непосредно пред гласањето на дневниот ред, побара да се повлече од дневен ред точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи пожелно е да присуствуваат сите судии. Овој негов предлог беше одбиен.
Активисти на опозициската ДУИ од неделата, како што рекоа, стражарат пред Уставниот суд во одбрана на Законот. Денеска пред Уставниот суд беа лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.