Пратениците денеска го усвоија Законот за солидарен данок со кој дополнително ќе се оданочуваат компаниите кои лани оствариле промет над 10 милиони евра, а зголемувањето на добивката е за 20% во однос на просекот од претходните три години.
Според пресметките на Владата, со овој данок еднократно ќе се соберат од 50 до 80 милиони евра.
„Овој данок не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата кои по овој основ ќе се слеат во буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризата и наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг“, велат од Владата.