ЦЕЛО ЈАВНО ЗДРАВСТВО УТРЕ НА ПОЛУЧАСОВЕН ПРОТЕСТ, ОСВЕН КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР

    ЦЕЛО ЈАВНО ЗДРАВСТВО УТРЕ НА ПОЛУЧАСОВЕН ПРОТЕСТ, ОСВЕН КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАРОколу 150 вработени од „8 Септември“ вчера протестираа пред болницата, револтирани оти десет дена им доцнеше платата за јануари. (Фото: К. Попов)

    Здравствените работници од сите јавно-здравствени установи во земјава, освен Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ утре ќе протестираат од 10 до 10:30 часот. Протестот го организира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Македонија, кои денеска ги известиле директорите на здравствените институции.

    Во најавата се вели дека протестот ќе се организира во дворните површини на установите, во време на паузата од 10 до 10:30 часот и дека од протестот е изоставен Клиничкиот центар.

    Здравствените работници се револтирани бидејќи им доцнеше јануарската плата. Поради хакерскиот напад на системот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) на 7 февруари, дури вчера почна исплатата на јануарската плата. Фондот вчера најави дека сите ќе добија плата во наредните 48 часа.

    Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ вчера попладнето протестираа околу 150 вработени од Независниот синдикат, член на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

    Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата кажа дека протестираа и дел од вработените во Геријатрија, како и во болниците во Охрид, Неготино и други градови, и дека ако нема плата се разговара за порадикални чекори како штрајк и бојкот.

    „Владата се занимава со сама себе, со министри нови, а сите знаеме овие луѓе какви напори дадоа во ковид кризата. И да има плата денес, тоа не е конечно решение и затоа бараме со месеци средба со премиерот“, рече вчера Ристески.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира