Утре почнува обуката на наставниците кои ќе предаваат сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за САКАМДАКАЖАМ.МК. Тоа е, велат тие, официјален почеток на пилот-проектот на ХЕРА, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието, кој треба да почне да се применува од септември 2021.
Мери Цветковска, која е проектна координаторка во ХЕРА, ни рече дека после дологогодишните апели на ХЕРА за потребата од сексуално образование, спроведени истражувања, искуства од терен и секојдневна комуникација со младите кои се најзасегнати, Владата лани донесе одлука за воведување пилот-програма за сеопфатно сексуално образование во 9. степен на основното образование. Пилот-програмата е резултат на двегодишната работа на работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата.
„Хера активно работи на програмата заедно со експерти и претставници од МОН и Бирото. Пилотирањето ќе биде спроведено во 4 училишта од рурална и урбана средина на албански и македонски јазик и ќе има фонд од 36 часови. Ќе биде спроведено преку соодветен наставен план и содржина адаптиран за возраста, ќе го предаваат обучени наставници и ќе може на доброволна основа да го одберат како изборен предмет младите од 9. одделение“, ни рече Цветковска.
Обуката ќе се одвива во два дела, првиот почнува утре во хотелот „Александар палас“ и ќе трае три дена, а наскоро ќе следи и вториот дел.
ХЕРА лани спроведе истражување во кое телефонски беа прашани 800 родители дали треба да се изучуваат темите кои ги опфаќа сексуалното образование во училиштата. Исклучително висок процент од испитаниците, кој се движи помеѓу 88 и 96 %, се согласуваат дека младите на училиште треба да ги изучуваат сите 12 понудени теми кои беа предмет на ова истражување, а кои се дел од моделот на сеопфатното сексуално образование.
„Вкупно 88 % од испитаните родители/старатели се согласуваат дека младите треба да знаат кое е значењето од давање согласност при влегување во сексуален однос, особено при првиот, а бројките неслучајно се поклопуваат со бројките од истражувањето спроведено оваа година, овојоат помеѓу 600 наставници. Ставовите на наставниците ни покажуваат дека во основните училишта во нашата земја постои генерално позитивно расположение и потреба за воведување формална настава за сексуално образование. Патем, на темата кое е значењето од давање согласност при сексуален однос, особено првиот, 89% од наставниците одговараат афирмативно, па така нема значителна разлика во ставовите помеѓу родителите и наставниците, што значи сите сметаат дека ова е важно да се изучува“, вели Цветковска.
Б. НЕСТОРОСКА