УТРЕ ЗА ФИЛМСКО СНИМАЊЕ ЌЕ СЕ ПУКА ВО БЛИЗИНА НА КАФЕАНАTA „БИРТИЈА“ И МВР ВО СКОПЈЕ, ЗА ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ПУКА ВО СЦЕНИ ОД ТРИ НОВИ ФИЛМА

    УТРЕ ЗА ФИЛМСКО СНИМАЊЕ ЌЕ СЕ ПУКА ВО БЛИЗИНА НА КАФЕАНАTA „БИРТИЈА“ И МВР ВО СКОПЈЕ, ЗА ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ПУКА ВО СЦЕНИ ОД ТРИ НОВИ ФИЛМАДенес и утре на снимањето на „Син портокал“ на Димитар Оровчанец ќе се пука близу до МВР. (Фото: Вардар филм)

    За недела дена, Министерството за внатрешни работи (МВР) во три наврати информираше дека заради снимање сцени во три нови филмови ќе се пука со огнено оружје на различни локации.

    „Се разбира дека глумците ќе пукаат со ќор-фишеци, чие истрелување звучи како да се вистински, па граѓаните навремено ги известуваме дека се работи за снимање филмски сцени. Убавата работа е што зачестија снимањата на нови филмови. Трите соопштенија на Министерството последниве десетина дена беа за различни филмови, од различни продукции“, ни рекоа од МВР.

    Денеска МВР соопшти дека било известено од менаџерот на продукција на играниот филм „Син портокал“ дека од утре (23 октомври), до  25 октомври, секој ден во периодот од 09.00 до 18.00 часот во објект на улица Фредерик Шопен во Скопје ќе се снимаат сцени за филмот во кој ќе биде употребено огнено оружје.

    Како што дознаваме, ова најново снимање со употреба на огнено оружје во филмските сцени ќе биде до кафеаната „Биртија“, во близина на МВР и до ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Режисер на новиот филм „Син портокал“ (чиј работен наслов беше „Убиј ги прво децата“) е Димитар Оровчанец, а се снима во продукција на „Трис филмс“. Овој филм е поддржан од Агенцијата за филм.

    Вчера, Министерството објави дека од продуцентот „Дрим фектори“ на играната серија „Бистра вода“ беше известено дека  утринава ќе се снимаат сцени за серијата, во кои ќе биде употребено огнено оружје. Огнените сцени се снимаа во објект на улица Владимир Полежановски во Скопје.

    Вакво известување од полицијата претходно имаше и за пукање во сцени од новиот филм „Кутии“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира