Собраниската седница за францускиот предлог за преговарачката рамка за земјава со Европската унија ќе се одржи в четвротк во 13.30 часот. Во распоредот на седници на Собранието денеска попладнево е закажана седницата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022. Претходно, во 13 часот на друга седница обраќање пред пратениците во Собранието ќе има претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Европската комисија пред една недела го поздрави ревидираниот француски предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и смета дека овозможува почеток на преговорите со ЕУ.
Пораки земјава да го прифати францускиот предлог изминативе денови испратија францсукиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел.
Владата по добивањето на францускиот предлог рече дека прво ќе отвори широка дебата. На 7 јули од Владата преговарачката рамка ја доставија на разгледување и усвојување во Собранието и рекоа дека нема да донесат одлука додека за предлог не се изјаснат народните избраници во Парламентот.
Од 2 јули во Скопје се одржуваат протести против францускиот предлог, организирани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
А. АНТЕВСКА