ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ПОМЛАДИ ОД 60 ГОДИНИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ПОМЛАДИ ОД 60 ГОДИНИ, КАЖА ФИЛИПЧЕПо Канада и Германија, и земјава ја суспендираше оваа вакцина за помлади од 60 години. (Фото: АП)

    Лица помлади од 60 години во земјава нема да се вакцинираат против ковид-19 со вакцината на „АстраЗенека“, кажа вечерва министерот за здравство Венко Филипче во емисија на ТВ21. Денеска Канада ја суспендираше употребата на оваа вакцина за лицата под 55 години, а Германија за лица под 60 години.

    „Денеска има две нови соопштенија од Канада и Германија кои соопштуваат дека таа вакцина нема да се дава на тие возрасни групи. Ние вечерва разговаравме и заземавме став, а утре тоа и ќе го официјализираме. Почнуваме со постарата група на граѓани кај кои вакви несакани ефекти со тромбоза не се јавиле. Ќе почекаме и ќе испратиме писмо до Европската агенција за лекови (ЕМА) да ни одговорат дали и каков став ќе заземат во однос на оваа вакцина. Ќе ги примениме препораките на овие две земји додека не се потврди поинаку. По извештаите на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ‘АстраЗенека’ лица кои се помлади од 60 години. Ние секако утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани, на возраст на 77 години“, рече Филипче.

    Денеска, Германската комисија за вакцини (Стико) ја препорача употребата на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ само за лицата над 60 години. Ова следува откако ваква одлука денеска донесоа властите на Берлин и Минхен.

    „Одлуката е донесена врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза“, соопшти Ситко.

    Комисијата кажа дека ќе издаде дополнителни препораки што да прават оние лица под 60 години кои веќе ја примиле првата доза од оваа вакцина, а втората им следуваше до крајот на април. Околу 2,7 милиони Германци досега се вакцинирале со „АстраЗенека“.

    Институот „Паул Ерлих“ денеска објави дека се регистрирани 31 случај на мозочна тромбоза, за кои се верува дека се случиле по примањето на вакцина на „АстраЗенека“. Девет случаи завршиле со смрт и сите освен две биле жени на возраст од 20 до 63 години.

    Утре, во земјава е најавено дека стартува масовната вакцинација во здравствени домови и поликлиники во 12 градови, за лица над  77 години.

    Министерството за здравство соопшти дека е пуштено закажувањето на термини преку системот Мој Термин за вакцинација на граѓани опфатени во првата фаза од Националната стратегија за вакцинација против ковид-19. Првично се пуштени 9.577 термини, а досега се закажани 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77 години. Вакцинацијата ќе се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите за вакцинација ќе се отворат утре во 8 часот, ќе работат до 20 часот секој ден од понеделник до петок.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира