Вакцинацијата против сезонски грип почнува од понеделник, а годинава се обезбедени 41.000 дози нови четривалентни вакцини. Од нив 28.000 дози, кои ги набави Министерството за здравство, се наменети за лицата над 65 години со просечна и потпросечна пензија и за оние што немаат пензија. Овие вакцини ќе бидат бесплатни.
Вакцините се набавени од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“. Вакцинацијата против сезонски грип не е задолжителна, но таа се препорачува за лицата кои се хронично болни и се повозрасни.
Останатите 13.000 дози ги набавија центрите за јавно здравје, а цената за нив е 650 денари.
„Во моментов се врши дистрибуција на вакцината во центрите за јавно здравје и од понеделник ќе почне вакцинацијата. За комерцијалните вакцини утврдена е цена од 650 денари“, велат од Министерството за здравство.
Четиривалентните вакцини против грип обезбедуваат заштита од четири типа на грип, односно од два вируси од типот А и од два вируси од типот Б. Досега вакцините против грип беа тривалентни, но по препорака на Светската здравствена организација развиени се новите вакцини, бидејќи двата типа на вирусот Б со различен интензитет биле присутни во различни периоди од годината во различни земји.
„За прв пат државата набави нови четиривалентни вакцини, кои се бесплатни за лицата над 65 години со пензија помала од 14.480 денари, односно со просечна и помалку од просечната пензија, како и оние што немаат пензија. Овие граѓани од една страна не можат да си дозволат да ја платат вакцината, а всушност се први на удар од грипот, поради возраста и ако имаат други хронични болести. Вакцинацијата не е задолжителна, но ја препорачуваме особено за овие лица, како и за другите со хронични болести“, вели Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА