ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ ШТО ПОБРЗО ЗАРАДИ СЕБЕ И БЛИСКИТЕ, АПЕЛИРАА ДУДА И ЃОРГИЕВСКА НА ПРОМОЦИЈАТА НА ПОЛСКАТА ДОНАЦИЈА ОД 200 ИЛЈАДИ КОВИД ВАКЦИНИ

    ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ ШТО ПОБРЗО ЗАРАДИ СЕБЕ И БЛИСКИТЕ, АПЕЛИРАА ДУДА И ЃОРГИЕВСКА НА ПРОМОЦИЈАТА НА ПОЛСКАТА ДОНАЦИЈА ОД 200 ИЛЈАДИ КОВИД ВАКЦИНИАгата Корнхаузер-Дуда, Елизабета Ѓоргиевска и министерот Филипче ја претставија полската донација од 200 илјади „Фајзер“ вакцини. (Фото: Министерство за здравство)

    Сопругите на полскиот и македонскиот претседател, Анджеј Дуда и Стево Пендаровски, Агата Корнхаузер-Дуда и Елизабета Ѓоргиевска денеска апелираа, и како што рекоа, ги охрабруваат граѓаните да се вакцинираат против ковид-19, оти засега само вакцината е единствениот излез од оваа ситуација.

    Тие заедно со министерот за здравство Венко Филипче го посетија Институтот за трансфузиона медицина, каде од вчера се складирани 200.070 вакцини „Фајзер“, донација од Полска.

    „Во последните месеци живееме во натпросечна и тешка ситуација предизвикана од коронавирусот. Тој е непријател кој напаѓа во целиот свет. Во тој контекст, сметам дека е најважна меѓународната соработка, бидејќи само со помош на таа соработка можеме да се бориме со коронавирусот“ рече Корнхаузер-Дуда.

    Ѓоргиевска рече дека донацијата ја сфаќа како еден зрак на солидарност кој ни е потребен во овие тешки денови на една глобална криза.

    „Во изминативе две години верувам дека секој од нас беше во контакт со некој што беше болен од ковид. Верувам дека голем број од нас загубија блиски, роднини и пријатели и сметам дека со оглед на сите податоци што постојат, вакцината и засега само вакцината е единствен излез од оваа ситуација. Затоа би сакала да ве охрабрам сите кои немате примено вакцина, пред сè заради себе, заради вашите блиски и сите во околината, да ја примите што е можно побрзо бидејќи повторно се соочуваме со големи бројки секојдневно“, кажа д-р Ѓоргиевска.

    Според Филипче, заедно со полските вакцини, земјава има на располагање 470.000 „Фајзер“, 20-тина илјади „АстраЗенека“ и до крајот на годинава треба да стигнат 200 илјади „Фајзер“ вакцини, донација од Италија, кои ќе имаат рок до средината на 2023 година.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира