ВАКЦИНИТЕ СЕ НАЈЕФИКАСЕН ЧУВАР НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, КАКО ДОКТОР НАЈМАЛКУ 5 ПАТИ СУМ ВАКЦИНИРАН ЗА МОРБИЛИ, ВЕЛИ ПАТРИК О’КОНОР ОД СЗО

    ВАКЦИНИТЕ СЕ НАЈЕФИКАСЕН ЧУВАР НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, КАКО ДОКТОР НАЈМАЛКУ 5 ПАТИ СУМ ВАКЦИНИРАН ЗА МОРБИЛИ, ВЕЛИ ПАТРИК О’КОНОР ОД СЗОКолективниот имунитет е важен особено за децата и лицата со намален имунитет поради друга болест, како и бремените жени. Освен што е битно децата да бидат вакцинирани, битно е да се вакцинирани и здравствените работници, оти така тие прво ги штитат пациентите кои ги лекуваат, а потоа се штитат и себеси, вели Патрик О'Конор, лидер на тимот за имунизација и вакцино-превентабилни болести при европската регионална канцеларија на Светската здравствена организација (Фото: К. Попов)

    Патрик О’Конор, лидер на тимот за имунизација и вакцино-превентабилни болести при европската регионална канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО), за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува за тоа што треба да преземе една земја во случај на епидемија на мали сипаници (морбили) или друга заразна болест, каков е одговорот на појава на епидемија во Европскиот Регион, на што се должи високот процент на вакцинирани дец во земјите од ЕУ, за тоа колку е важно здравствените власти да ги ослободат од страв родителите да ги вакцинираат децата.

    Тој вели дека при појава на епидемија на една болест, како што е во случајот со мали сипаници во Скопје, основна стратегија за здравствените власти е да се обезбеди високо ниво на вакцинирана популација која може да биде загрозена од ширење на болеста. Според него, важно е високо ниво на вакцинирани да има и во услови кога нема епидемија, за да не дојде до појава на болеста и нејзино брзо ширење. О’Конор вели дека со противепидемските мерки мора да се направи и изолација на лицата кај кои е откриена болеста и соодветна комуникација со јавноста, за да се зголеми јавната свест и да се обезбеди вклучување на јавноста во спречување на ширењето на болеста.

    „Овде случаите на сипаници беа брзо откриени и здравствените власти ги презедоа потребните чекори за да запре ширењето на вирусот, со цврст одговор на епидемијата со превземање мерки за имунизација со вакцините за мали сипаници. Важно е да се напомене дека во моментов над 80 отсто од децата се целосно вакцинирани со МРП вакцина и дека програмата за имунизација успешно го штити мнозинството од децата низ земјата“, вели О’Конор.

    Вирусот на мали сипаници се шири при близок контакт или директен контакт со скретот. О’Конор вели дека вирусот на морбили може да живее околу два часа во воздухот, и дека човекот е природен домаќин, односно тој не може да се пренесе од животните на луѓето.

    „Вирусот многу брзо се шири. Ако во една просторија има десет луѓе, еден заразен човек може да зарази девет од нив, а периодот на инкубација трае две недели“, вели О’Конор.

    Тој вели дека лани во Европа биле пријавени околу 60.000 случаи на заболени од мали сипаници, а во Велика Британија, Португалија и Шпанија биле пријавени неколку епидемии со стотици заболени.

    „Проширувањето на болеста го запреа со брзо откривање и лабораториска потврда на случаите, како и со вакцинација. За жал, во 2018 беа пријавени 72 смртни случаи во Европа. Компликациите од инфекција со мали сипаници се чести, и често се многу сериозни и може да предизвикаат смрт. Малите сипаници се високо заразно акутно вирусно заболување, кое се карактеризира со температура и осип“, вели О’Конор.

    „Комитетот донесе заклучок дека не постои доказ за поврзаност меѓу вакцината МРП и аутизмот или аутистичните пореметувања. Аутизам се јавува исто толку често како кај деца што ја примиле МРП вакцината, така и меѓу оние што не ја примиле“, вели О’Конор (Фото: К. Попов)

    За разлика од Македонија, каде антивакциналните кампањи влијаеја да се намали опфатот на вакцинирани деца против мали сипаници, О’Конор вели дека тоа не е случај во европските земји, каде исто така се шират овие дезинформации. Тој објаснува дека не сите вакцини во ЕУ земјите се задолжителни, односно од земја во земја има разлика кој дел од вакцините од редовниот календар за имунизација се задолжителни. Според него, родителите ги вакцинираат нивните деца, бидејќи сметаат дека така ги заштитуваат, но додава дека и таму е паднат опфатот на вакцинација во последните неколку години.

    „Во Европа, поголемиот дел од родителите ги вакцинираат нивните деца согласно националните календари за имунизација, за да ги заштитат од сериозни вирусни заболувања кои може да се превенираат. Вкупниот опфат на имунизација во Европа од 2016 до 2017 е зголемен за втората доза од вакцината од 88 на 90 отсто за мали сипаници. Но, за да се спречи појава и ширење на морбили и други опасни болести, потребен е опфат на имунизација над 95 отсто“, вели О’Конор.

    Според него, причините зошто родителите не ги вакцинираат децата се многубројни и сложени.

    „Некои родители имаат ограничен пристап до здравствениот систем, некои сметаат дека локалните служби за вакцинација се несоодветни, некои се плашат од несакани ефекти, а некои родители не разбираат колку сериозна или смртоносна може да биде болеста. Ширењето дезинформации за вакцините може да придонесе за погрешно мислење и тоа на земјите да им отежне да го достигнат оптималното ниво на покриеност со имунизација“, вели О’Конор.

    Околу тврдењата на оние што ги шират антивакциналните ставови дека МРП вакцината е поврзана со појава на аутизам и други болести, О’Конор вели дека нема научен доказ оти МРП вакцината или која било друга вакцина предизвикува аутизам. Тој објаснува дека овие тврдења се појавиле во 1990, а во 2002 Глобалниот советодавен комитет за безбедноста на вакцините спровел опсежно истражување на 11 епидемиолошки студии, во што била вклучена и студијата од Данска на половина милион деца.

    „Комитетот донесе заклучок дека не постои доказ за поврзаност меѓу вакцината МРП и аутизмот или аутистичните пореметувања. Аутизам се јавува исто толку често како кај деца што ја примиле МРП вакцината, така и меѓу оние што не ја примиле“, вели О’Конор.

    Тој вели дека главен приоритетите на СЗО е вакцините да бидат ефикасни и безбедни, и пред да биде дадено одбрение да се користат тие исцрпно се истражуваат и тестираат за секоја можна серија за несакани ефекти. Вообичаените реакции, како црвенило и непријатност на местото на аплицирање на вакцината, според него се минорни и времени, а сериозни здравствени последици по примање на вакцината се многу ретки но се темелно истражени. О’Конор вели дека вакцините се најефикасните алатки за зачувување на јавното здравје и дека благодарение на вакцните детската парализа ја има во мал број земји, а елиминацијата на мали сипаници и рубеола е приоритетна цел на јавното здравје во Европскиот Регион.

    При епидемија на една заразна болест, како што е случајот со мали сипаници во Скопје, битно е заразените брзо да се откријат и да се изолираат, и веднаш да се спроведе вакцинација на невакцинираното население, вели О’Конор (Фото: К. Попов)

    „Самиот сум вакциниран пет пати против мали сипаници и многукратно против полио, бидејќи немам навика да го чувам вакциналниот картон или да го носам постојано со себе. Работев во болници во САД, каде не ти даваат дозвола да работиш со пациенти ако не си вакциниран или немаш вакцинален карон. Поради таа причина, само против морбили сум вакциниран најмалку пет пати, а додека работев во Индија на промоција на полио вакцината повеќе пати ја имам примено вакцината“, вели О’Конор.

    Околу дилемата на дел од родителите дали МРП вакцината може да ја примаат и шестмесечни деца, тој вели дека во случаи на епидемија многу е важно да се заштитат овие деца и дека вакцината е сосем безбедна за нив.

    Според него, колективниот имунитет е важен особено за децата и лицата со намален имунитет поради друга болест, како и бремените жени. Тој напоменува дека освен што е битно децата да бидат вакцинирани, битно е да се вакцинирани и здравствените работници, бидејќи на тој начин тие прво ги штитат пациентите кои ги лекуваат, а потоа се штитат и себеси.

    „Важно е да се каже дека во европскиот регион имаше неколку епидемии на детска парализа, кои се појавија во болници или во здравствени установи. Затоа, ги охрабруваме здравствените работници да се вакцинираат, бидејќи така ги заштитуваат своите пациенти. Луѓето што доаѓаат во болница доаѓаат затоа што се болни и ги охрабруваме здравствените работници да ги заштитат своите пациенти со тоа што нема да шират мали сипаници или други заразни болести предизвикани од вируси или бактерии“, вели О’Конор.

    Тој вели дека целта на Светската здравствена организација е до 2020 Европскиот Регион да стане комплетно без полио или детска парализа и дека последната епидемија на ендемичен вирус на полио е регистрирана во 1995 во Турција, а случаите што повремено се јавуваат во Европа се најчесто луѓе кои се заразиле во други земји.

    „Последната поголема епидемија беше во Таџикистан во 2010 со што беше загрозена состојбата на регионот, но имаше брза реакција и за кусо време реагионот беше заштитен. Многу е важно да се почитува распоредот на вакциналниот календар. Само две земји во 2018 пријавија случаи на полио, тоа се Авганистан и Пакистан, тоа е поради големата миграција меѓу овие земји“, вели О’Конор.

    Тој вели дека за разни заразни заболувања прават проценка на ризик во случаи кога вирусот е донесен од други земји и како би се справиле со тоа, и за таа цел прават и симулациони вежби. Ваква симулациона вежба е предвидено годинава да се прави за детска парлиза.

    „На барање на вашиот министер за здравство, годинава симулациката вежба за полио ќе се прави овде. Сега рзгледуваме колку и кои земји од регионот ќе дојдат тука во Скопје за да учествуваат во вежбата, бидејќи земјата има висок процент на вакцинирано насление против оваа болест. Оваа вежба треба да покаже каков е одговорот во случај на внесен случај на заразен со полио, како се одвива вакцинирањето и се разгледуваат повеќе сценарија“, вели О’Конор.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира