ВАКВА ШАНСА НЕМА ДА ВИ СЕ УКАЖЕ ПАК, РАКОВОДСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ ОСЛОБОДИ СВОИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГЛАСААТ БЕЗ СТРАВ, КАЖА ПАЛМЕР ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ПРЕД ПОСЕТАТА НА СКОПЈЕ

    ВАКВА ШАНСА НЕМА ДА ВИ СЕ УКАЖЕ ПАК, РАКОВОДСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ ОСЛОБОДИ СВОИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГЛАСААТ БЕЗ СТРАВ, КАЖА ПАЛМЕР ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ПРЕД ПОСЕТАТА НА СКОПЈЕ„Нема план Б. Нема Преспа Плус, нема подобар договор што ја чека Македонија ако македонскиот парламент не го обезбеди двотретинското мнозинство потребно за уставните измени“, вели Палмер. - Палмер и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата на 1 август во Скопје (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер утринава во Белград го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи своите пратеници да гласаат слободно, без страв од одмазда, на собраниската седница за уставните измени, која е во тек од понеделникот. Американскиот функционер кажа дека за евроатлантските интеграции на Македонија нема друга алтернатива, освен Преспанскиот договор, и ваква историска шанса нема повторно да ѝ се укаже на земјата.

    „НАТО веќе ја покани Северна Македонија да се приклучи и ЕУ сигнализираше дека е подготвена да ги почне пристапните преговори следниот јуни. Важно е да биде јасно дека за оваа европска иднина неопходно е Договорот од Преспа да биде прифатен од Македонија и Грција и целосно спроведен. Нема друга алтернатива. Нема план Б. Нема Преспа Плус, нема подобар договор што ја чека Македонија ако македонскиот парламент не го обезбеди двотретинското мнозинство потребно за уставните измени. Тие што сакаат да ја доведат во заблуда македонската јавност да верува дека може да се обезбеди европска иднина за нивните деца без да се направат компромиси како оние во Преспанскиот договор ѝ прават лоша услуга на земјата. Лидерите треба да се издигнат над партиските политики и да ја зграпчат оваа историска шанса, која се укажува еднаш во генерација. Нема да се укаже повторно. Конкретно, го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое кажа јасно дека е против договорот, да ги ослободи своите пратеници да гласаат слободно, без страв од одмазда“, изјави Палмер, зборувајќи на Белградскиот безбедносен форум.

    Тој ќе дојде во Македонија на 22 октомври, на разговори за поддршката од САД на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и за важноста од продолжување на реформската агенда на земјава, соопшти Амбасадата на САД во Скопје. Палмер ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и владини и претставници на политичките партии.

    Палмер доаѓа ден пред празникот 23 Октомври – Ден на ВМРО, кој е неработен ден.

    Последен пат во Македонија Палмер беше на Илинден, пред референдумот за името, кога при тридневната посета беше и на чествувањето на Мечкин Камен во Крушево и беше сведок кога владината делегација предводена од вицепремиерот Кочо Анѓушев беше нападната од група навивачи од „Комити“. Нападот дојде по говорот на претседателот Ѓорге Иванов кој повтори дека не го прифаќа Договорот со Грција оти е штетен за Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира