ВАНГЕЛОВСКИ НЕ ЈА ДАВА САЛАТА ВО ВРХОВЕН ЗА ДА МУ СЕ СУДИ НА ГРУЕВСКИ И НАЈВИСОКИТЕ ЕКСФУНКЦИОНЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ИЗБОРНИОТ КРИМИНАЛ ВО „ТИТАНИК“

    ВАНГЕЛОВСКИ НЕ ЈА ДАВА САЛАТА ВО ВРХОВЕН ЗА ДА МУ СЕ СУДИ НА ГРУЕВСКИ И НАЈВИСОКИТЕ ЕКСФУНКЦИОНЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ИЗБОРНИОТ КРИМИНАЛ ВО „ТИТАНИК“Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Џолев бара чаре, зашто ниту во неговиот суд, ниту во Апелациониот суд Скопје нема толкава сала каде што ќе може да влезат и новинарите и јавноста. - Никола Груевски; Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Судењето за најголемиот случај на СЈО „Титаник“, каде за злосторничко здружување за изборен криминал во периодот од 2011 до 2014 година се обвинети експремиерот Никола Груевски и најблиските соработници од тогашниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, закажано е за 2 април, но нема каде да се одржи. Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски не ја дава големата сала во Врховниот суд, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и судијата што ќе го води овој процес Осман Шабани.

    Во првиот случај што го отвори СЈО, а чие обвинение беше оценето последно, има 21 обвинет и секој од нив ќе има по неколку адвокати. Само нив не може да ги собере големата сала во Основниот суд Скопје 1. Затоа претседателите на Кривичниот суд и на петчлениот судски совет од Вангеловски ја побарале големата сала во Врховниот суд, но тој ги одбил.

    На Вангеловски му побаравме изјава за неговата одлука, но тој не одговори. На службен пат е во Турција.

    Сега Џолев бара чаре, зашто ни во Апелациониот суд Скопје нема толкава сала каде што ќе може да влезат и новинарите и јавноста. Единствена опција е големата судска сала во новата (барокна) зграда на Основниот суд Скопје 1, но ако се стигне со подготовките и преселбата, која Џолев ја најави за Денот на правосудството 31 Март.

    За ваквиот потег на Вангеловски никој нема поднесено претставка до Судскиот совет.

    Своевремено, поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски ѝ поднесе претставка за разрешување на тогашната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, зашто поради опасност по животот на врховните судии, вработените и судската полиција, не дозволуваше во највисокиот суд да се одржува судењето за Диво Насеље. Со владина одлука, потпишана од тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески, салата на Врховниот суд Панчевски ѝ ја одзеде на Неделкова, а таа се најде пред разрешување во сега веќе непостоечкиот Советот за утврдување факти.

    Судијата Шабани, пак, по 2 април закажал серија последователни судења за овој случај со многу кривични дела, купишта докази и многу снимки од прислушуваните разговори. Поканите тој веќе им ги испратил на обвинетите, нивните адвокати, на бројните сведоци и на вештаците.

    На речиси сите обвинети повеќе од половина година им се одземени пасошите. Сите предлози за притвор во целост беа одбиени од Кривичниот и од Апелациониот суд Скопје.

    • СЈО го обвинува  Груевски за Злосторничко здружување, продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за Повреда на избирачкото право;
    • Мартин Протоѓер, поранешен шеф на кабинетот на Груевски е обвинет за Злосторничко здружување, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за продолжено кривично дело Повреда на слободата на определување на избирачите;
    • Тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, покрај за Злосторничко здружување, обвинет е и за Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
    • Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на товар има најмногу кривични дела, зашто освен досега наведените кривични дела кај Груевски, Протоѓер и Божиновски, само тој ќе одговара дополнително и за Уништување на изборен материјал;
    • Гордана Јанкулоска, тогашна министерка за внатрешни работи, обвинета е за Злосторничко здружување, Повреда на слободата на определување на избирачите и за Повреда на избирачкото право;
    • Пратеникот Илија Димовски е обвинет за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
    • Тогашниот заменик-министер за правда Билјана Бришковска, пак, како дел од злосторничкото здружување за големи изборни нерегуларности, обвинета е и за Фалсификување исправа; 
    • Партискиот функционер Леко Ристовски е за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира