Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски не собра поддршка за отфрлање на бомбите како докази на СЈО во судските процеси што претстојат во Основниот суд Скопје 1. По негова иницијатива, се одржаа неколку седници на кои присуствуваа сите врховни судии, но мнозинство за прогласување на прислушуванте разговори како неважечки докази, до денеска не е обезбедена.
Последен обид за општа седница за оваа тема Вангеловски имаше на 27 април. Судиите беа поделени за отфрлањето на бомбите. САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Врховниот суд дали е закажана општа седница, оттаму ни одговорија дека нема ништо ново за таа тема.
Според тоа, судиите за оценка на обвинителните акти кај кои во моментов се наоѓаат обвиненијата на СЈО, индивидуално ќе ценат дали ќе ги издвојат доказите од прислушуваните докази, или ќе останат за главните судења.
На прашање кога и како може да се побара или да се одлучи за иземање на одредени докази во обвинителните акти на СЈО, од Основниот суд Скопје 1 ни беше одговорено дека кога се работи за обвинителен акт, каква што е сега ситуацијата со предметите на ова обвинителство, судијата или советот за оценка на обвинителниот акт, може да донесе решени за издвојување на доказите. Ова може да се случи, значи, пред да се донесе оценката за обвиненијата.
Доказите од бомбите може да се отфрлат ако судијата или советот за оцена на обвинителниот акт, по службена должност, или по предлог од одбраната, утврдат дека во списите се наоѓаат докази во смисла на членот 12 став (2) од Законот за кривична постапка (ЗКП), кој вели:
„Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународни договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.
Ако некои од овие судии за оценка на 18-те обвинителни акти донесат решенија дека бомбите нема да важат како докази, тие ќе се затворат и ќе се чуваат кај судија во претходна постапка. Издвоените докази не можат да се разгледаат, ниту можат да се користат во постапката, вели ЗКП. Против решението за издвојување на доказите дозволена е жалба до Апелациониот суд Скопје.
СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека за сите обвиненија има поднесено цедиња со прислушувани разговори, како докази. Единствено такви докази нема поднесено за предметите „Таргет“ и „Тврдина“ за нелегалното прислушување и за уништувањето на прислушната опрема во УБК . Овие предмети се споени во едно обвинение, главните обвинети Горан Грујовски и Никола Бошковски се избегани и уште се недостапни за полицијата и судот.
С. К. ДЕЛЕВСКА