ВАС ВЕ ИНТЕРЕСИРА САМО АМНЕСТИЈА НА КРИМИНАЛОТ НА ПАРТИЈАТА И СУДБИНАТА НА ГРУЕВСКИ, ИМ РЕЧЕ ПРАТЕНИКОТ НА СДСМ АТАНАСОВ НА КОЛЕГИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    ВАС ВЕ ИНТЕРЕСИРА САМО АМНЕСТИЈА НА КРИМИНАЛОТ НА ПАРТИЈАТА И СУДБИНАТА НА ГРУЕВСКИ, ИМ РЕЧЕ ПРАТЕНИКОТ НА СДСМ АТАНАСОВ НА КОЛЕГИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕПратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска побара од Петар Атанасов да се извини бидејќи ги нарекол забегани (Фото: К. Попов)

    Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби ја прекина расправата по 400 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, поради непочитување на собранискиот Деловник од членовите на Комисијата. Кавгата почна по репликата на пратеникот на СДСМ Петар Атанасов на говорот на координаторот на опозицијата Драган Данев, дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на ДИК за да го блокира одржувањето на референдумот. Атанасов рече дека Македонија е заложник на забегана гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Прекинете да го блокирате ДИК и дозволете да го избереме ова тело за да се произнесат граѓаните на референдум. Сами ја навредувате вашата интелигенција, зашто веќе втора година блокирате работа. За првпат може да одиме напред. Не може граѓаните да останат заложници на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не смее да го ускрати правото граѓаните да се изјаснат на референдум. Вас ве интересира само амнестија на криминалот на партијата и судбината на Никола Груевски. Со овие измени се деблокира ДИК. Доста сме заложници на една забегана политичка гарнитура“, рече Атанасов.

    На дискусијата на Атанасов, бурно реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од место му дофрлуваа дека е на чело на предавниците.

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска, побара од Атанасов да се извини за навредите.

    „Барам од колегата да се извини на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги нарече забегани. Ве мислев за многу покултурен човек, знам дека ви се брза да се избере Државната изборна комисија, но жалосно е после вакво однесување овде вие да бидете заменик министер за образование, тој кој што ќе носи образовни програми во Република Македонија“, рече Стаменковска.

    Претседателот на Комисијата Груби ја прекина седницата на неодредено време.

    Расправата по амандманите, според Деловникот, треба да заврши до денес на полноќ, а в понеделник се очекува Собранието да ги изгласа измените, па потоа следува процедурата за избор на членовите на ДИК.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира