ВАШИТЕ ПРОБЛЕМИ СЕ И НАШИ ПРОБЛЕМИ, ВЕЛИ БРИТАНСКИОТ МИНИСТЕР ДАНКАН ПРЕД САМИТОТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЛОНДОН

    ВАШИТЕ ПРОБЛЕМИ СЕ И НАШИ ПРОБЛЕМИ, ВЕЛИ БРИТАНСКИОТ МИНИСТЕР ДАНКАН ПРЕД САМИТОТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЛОНДОНМинистерот за Европа и Америка во британскиот Форин офис сер Алан Данкан (во средина) со министрите на земјите учеснички на Kонференција на високо ниво за Западен Балкан на 9 и 10 јули во Лондон (Фото: СДК.МК)

    Вашите проблеми се и наши проблеми, вели сер Алан Данкан, министер за Европа и Америка во британскиот Форин офис, пред престојната Kонференција на високо ниво за Западен Балкан на 9 и 10 јули во Лондон, под покровителство на британската премиерка Тереза Меј. Конференцијата, на која ќе учествува и македонскиот премиер Зоран Заев, се организира во рамките на Берлинскиот процес, чии членки се шесте земји од Западен Балкан – Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, и петте земји-членки на ЕУ – Германија, Aвстрија, Франција, Италија, Велика Британија и како набљудувачи Словенија и Хрватска.

    „Сериозниот и организиран криминал, нелегалната миграција, тероризмот и екстремизмот се закани кои ги надминуваат нашите граници. Историјата ни покажала дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан е поврзана со стабилноста и безбедноста на Европа како целина“, вели сер Данкан и додава дека конференцијата се одржува во период на зголемен оптимизам во регионот.

    „Грција и Македонија напредуваа кон решавањето на прашањето за името и покажаа како промените може брзо да се случат кога владите ќе се посветат на европските вредности. Британија ги споделува целите за мирен, просперитетен и демократски Западен Балкан, кој се развива според европските вредности и придонесува кон европската безбедност. Гледаме огромен потенцијал во регионот, како и за нашето партнерство“, вели сер Данкан и најавува дека годинава за првпат ќе се сретнат и министрите за внатрешни работи од регионот со фокус на корупција и организиран криминал.

    Сер Данкан укажува дека младите луѓе се најсилниот адут на регионот и затоа Лондонскиот самит ќе се фокусира на нивните иницијативи кои се насочени да им помогнат на младите претприемачи, особено во дигиталниот сектор, што ќе им овозможи на идните генерации да се конкурентни во глобалната економија.

    „Добрососедските односи и справувањето со прашањата кои се провлекуваат од конфликтите во 1990-те години се клучни за да се постигне стабилноста, безбедноста и просперитетот што сите сакаме да ги видиме. Британија знае од сопственото искуство во Северна Ирска колку тешки и болни можат да бидат овие прашања. Мирот не се постигнува автоматски по завршувањето на конфликтот, туку мора да се негува во општествата и преку границите – за што е потребно визионерско и храбро лидерство“, вели британскиот министер пред престојниот Самит за Западен Балкан во Лондон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира