ВЕ МОЛАМ, НЕ ГУБЕТЕ НАДЕЖ ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА, ПОБАРА ОД МЛАДИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ САСОЛИ

    ВЕ МОЛАМ, НЕ ГУБЕТЕ НАДЕЖ ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА, ПОБАРА ОД МЛАДИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ САСОЛИ„Заслуживте зелено светло за почеток на преговорите, но ова не е крај на дискусијата“, вели Сасоли. (Фото: Твитер)

    Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли ги замоли младите од Северна Македонија да не губат надеж и да не се откажуваат од европската иднина по недобивањето датум за преговори со ЕУ. Сасоли, пред неговата посета на Скопје денеска и утре, во видео обраќање на Твитер кажа дека го дели разочарувањето со македонските граѓани, но најави дека дискусијата за почеток на преговорите не е завршена.

    „Ве разбирам и го делам вашето разочарување. Ги исполнивте сите критериуми, завршивте одлична работа. Заслуживте зелено светло за почеток на преговорите, но ова не е крај на дискусијата. Европскиот парламент, домот на демократија во Европа стои со вас. Нема да молчиме, ќе притискаме силно за позитивна одлука на следниот состанок на Европскиот совет. Имам едно барање, посебно до младите луѓе во Северна Македонија. Ве молам, не губете надеж. Ве молам, не се откажувајте од европската иднина. Вие припаѓате на нашата фамилија и евентуално ќе бидете дел од оваа фамилија, бидејќи фамилијата ќе ви посака добредојде со верба и надеж“, изјави Сасоли.

    Во Скопје, Сасоли ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев, а ќе има средби и со лидерите на парламентарните политички партии, и ќе се обрати во Парламентот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари