Од вечерва на полноќ престануваат да важат намалените акциза и ДДВ за горивата, па Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука да ги поскапе бензинот и дизелот.
Новата цена на бензинот е 104 денари за ЕУРОСУПЕР 95 и 106,5 денари за ЕУРОСУПЕР 98, што е поскапување за 9, односно 9,5 денари. ЕУРОДИЗЕЛОТ поскапува за 9 денари на 95 денари.
Од Регулаторна комисија објаснуваат дека цената на нафтата и нафтените деривати на светскиот пазар не се поскапени од претходната пресметка, па поскапувањето се должи на промената на износот на акцизата и данокот на додадена вредност.
Намалувањето на давачките за горивата беше една од мерките на Владата донесени на 12 март да се преброди економската криза предизвикана од енергетската криза и војната во Украина и беа со важност до денеска.
Со мерките беше укинат и ДДВ за основните прехранбени продукти, а од утре повторно ќе биде 5 отсто.