Судењето за двојното свирепо убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи денеска со вкрстени прашања за сведокот Дејан Димовски, полициски началник кој бил вклучен во потрагата и пронаоѓањето на телото на 14-годишната Ѓорчевска.
Првообвинетиот Љупчо Палевски го праша: „Како утврдивте само на кажување дека јас сум организаторот на грабнувањата и убиствата?”.
„Еве затоа има судење. Ние не тврдиме ништо”, му одговори сведокот.
„Кога ги прашавте Велибор Манев и Боре Видевски – Како знаевте дека девојчето ќе биде само? И кога ќе излезе?, што ви одговорија?”, праша Палевски.
„Велибор и Боре ни кажаа: ‘Таткото на Вања му кажа на Палчо’”, одговори тој.
„Дали ги прашавте дали има засолниште за Вања Ѓорчевска?”, продолжи главниот обвинет.
„Зошто да ги прашаме? Не ги прашавме”, рече сведокот.
„Не се сомневавте дека е убиена Вања. Зошто?”, праша Палевски.
„Два часа објаснував зошто”, кажа началникот.
„Дали имавте конкретен доказ дека сме контактирале јас и таткото на Вања Александар освен тоа што ви го кажале Велибор и Боре?”, праша Палевски.
„Не”, одговори сведокот.
„Ги прашавте приведените кога е копана дупката за Вања?”, праша Палевски.
„Еднаш ни беше кажано тогаш, на 27.11.2023 година, еднаш претходниот ден”, одговори началникот.
„За грабнувањето на Панче, дали мене ме видовте на некоја од снимките?”, праша обвинетиот.
„Да”, му одговори началникот.
Претходно, сведокот одговараше на прашања зошто најмногу таткото на Вања им бил сомнителен.
„Го видовме како оди накај Качанички пат. Го прашавме: ‘Од кај баш по тој пат си тргнал? (бидејќи тој пат води за село Бразда, н.з.). Ни одговори дека тргнал под претпоставка дека се киднапери, и дека сигурно ја однеле накај граница. Така гледал на филмови. Но, рече се вратил, бидејќи имало гужва”, кажа началникот.
„’Ако ни бараат откуп, ќе земеме од Хари’, ѝ кажал на Зорица“, кажа сведокот.
Натаму, таткото еднаш ја згрешил Вибер групата, па во родителска група пишал па избришал: „Кажете само колку пари треба”.
Судењето продолжува на 13 ноември.
- КОГА ЈА НАЈДОВМЕ ВАЊА, РАЦЕТЕ И НОЗЕТЕ Ѝ БЕА ВРЗАНИ СО СТЕГА, А НА УСТАТА ИМАШЕ ЛЕНТА, СВЕДОЧИ ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК
- ВЕЛИБОР НИ КАЖА ДЕКА ПАЛЕВСКИ ПУКАЛ СО ПИШТОЛ ВО ТИЛОТ НА ПАНЧЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСНАЧАЛНИКОТ НА СВР ВЕЛЕС
- ТАТКОТО НА ВАЊА ЗБОРУВАЛ ДЕКА ПОЛИЦИЈАТА ЏАБЕ БАРА, ЌЕРКА МУ Е КИДНАПИРАНА И УБИЕНА И ОТИ ТРЕБА ДА БАРААТ МАФИЈАШИ ШТО БАРААТ ОТКУП
- КЕШИШЕВ НИ РЕЧЕ КОПАЈТЕ ТАМУ КАЈ ПЕРНИЦИТЕ И КОГА СЕ ВИДОА ВЕЃАТА, НОСОТ И ЕДНАТА НОГА НА ДЕВОЈЧЕТО, ПРЕСТАНАВМЕ ДА КОПАМЕ, СВЕДОЧИ ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК КАКО ЈА НАШЛЕ ВАЊА
- АЛЕКСАНДАР ОД ПРВ МОМЕНТ ТВРДЕШЕ ДЕКА ВАЊА Е КИДНАПИРАНА, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА ЗОРИЦА ЃОРЧЕВСКА
- НЕ ГО ПОЗНАВАМ ПАЛЕВСКИ ЛИЧНО, НО ЗНАМ КОЈ Е, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА НА УБИЕНАТА ВАЊА
Првообвинет за двојното свирепо убиство е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишев и Боре Видевски и Велибор Манев.
Според обвинението, прво на 22.11.2023 обвинетите извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .
С. К. ДЕЛЕВСКА