ВЕЛИГДЕН ЌЕ ГО СЛАВАМ САМ ЗА ДА ГИ ЗАШТИТАМ НАЈБЛИСКИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ КОЈ Е ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА

    ВЕЛИГДЕН ЌЕ ГО СЛАВАМ САМ ЗА ДА ГИ ЗАШТИТАМ НАЈБЛИСКИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ КОЈ Е ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА„Празничните собирања треба да изостанат, тоа е инвестиција во здравјето. Да се биде дома значи да се направи разлика и да се спаси човечки живот, да им се помогне на здравствените работници“, апелираше Филипче. - Од денеска во 16 часот почна полициски час кој ќе трае до вторник до 5 наутро. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче од вчера е во домашна самоизолација, откако завчера беше на состанок во Кризниот штаб во Куманово и вчера се објави дека градоначалникот Максим Димитриевски е позитивен на КОВИД-19. Денес како и вчера, одржа онлајн прес-конференција преку која апелираше до јавноста за продолжениот полициски час за време на Велигденските празници:

    „Оваа година Велигден го прославуваме на поинаков начин. И јас за да ги заштитам моите најблиски, празникот ќе го поминам сам, изолиран од семејството. Секој од нас носи огромна одговорност. Празничните собирања треба да изостанат, тоа е инвестиција во здравјето. Да се биде дома значи да се направи разлика и да се спаси човечки живот, да им се помогне на здравствените работници. Сакам да испратам голема благодарност до сите кои ќе го поминат празникот во служба на граѓаните“.

    Медицинска сестра од одделот за онкологија на Детската клиника е позитивна на коронавирус, и има сомнение дека вирусот е однадвор донесен, кажа Филипче. На 14 април беше објавено дека лаборант од Детската клиника е позитивен на КОВИД-19.

    „Разговараме за поголемо скенирање, посебно на Одделот за онкологија каде работи медицинската сестра, на сите хоспитализрани пациенти и на персоналот“, рече тој.

    Министерот кажа дека и во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје има позитивна хигиеничарка. Направена е анкета со вработените и веќе на неколку им е препорачана самоизолација.

    „Со оглед на тоа дека домовите за стари лица се едни од најкритичните места со најзагрозената група граѓани, каде има неподвижни пациенти и пациенти со хронични болести, од следната недела планираме да се направат серолошки тестови на сите сместени во домовите за стари лица“, кажа министерот.

    Во земјава вкупно има регистрирани заразени 1.117 лица, од кои 139 се оздравени, 49 починаа, а активни случаи се 929. Во изминатите 24 часа се потврдени 36 нови случаи на КОВИД-19. По градови: Скопје-22, Куманово-4, Прилеп-3, Струга-3, Велес-3, Битола-1.

    Во изминатото деноноќие направени се 437 теста. Преку ИЈЗ –230, преку Ветеринарен факултет -20 , Авицена –22 , Биотек – 35 и Филип Втори (Жан Митрев) –130 . Досега во земјата се направени вкупно 10.859 тестирања на КОВИД -19.

    Филипче кажа дека од следната недела тестови ќе се прават во лабораторијата во Институтот за судска медицина и во лабораторијата во МАНУ, каде дневно ќе се прават од 50 до 100 тестови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира