ВИЕ ЗАСТАНАВТЕ ДО НАС ЗА САЛИСБЕРИ И НИЕ ЌЕ ЗАСТАНЕМЕ ДО ВАС, МУ КАЖА ТУСК НА ЗАЕВ НА МАКЕДОНСКИ

    ВИЕ ЗАСТАНАВТЕ ДО НАС ЗА САЛИСБЕРИ И НИЕ ЌЕ ЗАСТАНЕМЕ ДО ВАС, МУ КАЖА ТУСК НА ЗАЕВ НА МАКЕДОНСКИПремиерот Зоран Заев го пречекува претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пред Владата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, зборувајќи на македонски јазик, му се заблагодари на премиерот Зоран Заев за солидарноста со Европската унија и нејзините членки за нападот во Салисбери и рече дека ЕУ ќе ја возврати солидарноста.

    „Дозволете ми да ви се заблагодарам за вашата солидарност со ЕУ и нејзините земји членки во соочувањето со геополитичките предизвици, како што беше нападот во Салисбери. Вие застанавте до нас и ние ќе застанеме до вас“, изјави Туск на заедничката прес-конференција со Заев во Владата.

    Туск, набројувајќи проценти и правејќи споредба со Турција, Русија и Кина, кажа дека ЕУ е и ќе остане најдоверливиот партнер за целиот регион.

    „ЕУ е најголем инвеститор, најголем донатор, како и најголем трговски партнер за целиот регионот. Ова се однесува и на вашата земја. Близу 80 проценти од вашиот извоз оди во ЕУ. 13 проценти од извозот отпаѓа на соседите од Западен Балкан. Само 1,5 проценти е со Турција, 1 процент со Русија и 1 процент со Кина. ЕУ е најголема надеж за подобра иднина на вашите граѓани“, кажа Туск.

    Полскиот политичар се наврати и на мигрантската криза од 2015 година.

    „Нема подобро место од Скопје за завршување на мојата тура низ Балканот пред Софискиот самит. Многу работи се промениле од 2015 година, кога редовно доаѓав тука да работиме со партнерите за да се сопре приливот на мигранти кон Европа. Од тогаш т.н. балканската рута за миграција е затворена и така мора да остане. Денеска миграцијата повеќе не беше тема, туку иднината на вашата земја и на целиот регион. Чувствувам овде во Скопје промена во политичкиот менталитет, чувствувам вистинска политичка волја за придвижување на евроатлантската интеграција на вашата земја. Препораката на Европската комисија за отворање пристапни преговори е најдобар доказ дека напорите на вашите граѓани и на вас самиот импресионираат многумина во Европа“, кажа претседателот на Европскиот совет, кој денеска ќе присуствува самитот на шефовите на држави во Процесот Брдо-Бриони.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира