Врнежи од снег викендов и многу студено време со умерен до засилен северен ветер ќе ја зафати земјава од понеделник. Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека денес, преку ноќта и во текот на утрешниот ден ќе биде облачно со врнежи од снег, пообилни во југозападните делови.
„Насекаде ќе се формира снежна покривка, а на планините таа ќе се зголеми, Во југозападните делови снежната покривка во пониските места понекаде ќе надмине и 20 сантиметри снег. Ќе има и појава на голомразица. Утринските температурите ќе бидат особено ниски од почетокот на наредната седмица и понекаде ќе се спуштаат и под минус 15 степени. Дневните температури само понекаде ќе се искачуваат до некој степен над нулата“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од ЈП „Македонија пат“ информираат дека поради снежните врнежи од утрово воведена е забрана за тешко товарни возила на патот од Гостивар кон Кичево поточно кај Стража. Забрана за движење на камиони од 7 часот утрината има и на патот Маврово-Дебар.