ВИЛМА РУСКОВСКА ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ УПРАВНИОТ СУДИЈА МУСТАФА ШАХИНИ, ЗА КОГО СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ ДОЗВОЛИ ДА ОДИ ВО ПРИТВОР

    ВИЛМА РУСКОВСКА ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ УПРАВНИОТ СУДИЈА МУСТАФА ШАХИНИ, ЗА КОГО СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ ДОЗВОЛИ ДА ОДИ ВО ПРИТВОРВо мај, кога шефицата на организиран криминал Русковска побара притвор за осомничениот судија од Управниот суд Шахини, Судскиот совет застана зад него и не му го симна судискиот имунитет. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против судијата од Управниот суд Мустафа Шахини за злоупотреба на службената положба и овластувањата по член 353 став 5, кој пропишува затворска казна од 5 години нагоре. Тој се товари дека ја оштетил државата од над 200.000 евра.

    Обвинетиот до неговиот избор за судијa кон крајот на 2007 година, работејќи како адвокат ги застапувал правните интереси на две физички лица, негови роднини, во Оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга, со површина од 1.958.49 м2. Воедно, иако на нивниот правен претходник, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето, со спогодба му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на оставинската постапка, тој повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација.

    Во меѓувреме обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд каде била поднесена тужба по основ на молчење на администрацијата, против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со истиот предмет за денационализација, по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат. Управниот суд оформил предмет кој бил доделен во работа токму на обвинетиот Мустафа Шахини.

    „Од 10.09.2018 до 24.01.2019 година, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби го земал преметот да го работи, иако знаел дека како поранешен адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Но, тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот суд за конфликтот на интереси. Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту пак ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа. Преземајќи дејствија во предметот оневозможил Државното правобранителство на Р.С.М., како заинтересирано лице, да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата“, стои во обвинението.

    Откако добил одговор само од Претседателот на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, обвинетиот како Претседател на совет – судија писмено го известил адвокатот на тужителите барајќи да се произнесат по повод решението, на што полномошникот на тужителите до Управниот суд доставил поднесок со кој ја проширува тужбата и кон Решението на Комисијата и бара Управниот суд да донесе одлука во корист на тужителите. Обвинетиот, иако бил должен вака уредената тужба да ја достави на одговор до надлежното Државно правобранителство за подрачје Струга, не ја доставил, туку, во рок од 3 дена донел пресуда.

    Злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, спротивно на законските одредби предметниот недвижен имот – крајбрежен појас – плажа во Струга со Пресуда го вратил во приватна сопственост на барателите иако земјиштето претставува јавно добро и не смеело да биде вратено во приватна сопственост, особено поради тоа што за него веќе бил утврден и исплатен надомест на правниот претходник на тужителите уште во 1987 година.

    Во исто време, за недвижен имот со површина од 171 м2 крајбрежен појас што не смее да биде вратен во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на Р.С.М., обвинетиот не доставил примерок од Пресудата до надлежното Државно правобранителство на Р.С.Македонија, подрачје Струга, заради право на жалба.

    Како последица на тоа надлежното Државно правобранителство на подрачје на Струга не поднело жалба, а обвинетиот со својот потпис овозможил Пресудата да стане правосилна и врз основа на неа барателите да се впишат како сопственици на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности. Само по десетина дена тие склучиле Договор за купопродажба на предметниот имот со познаник на обвинетиот.

    Со ваквите дејствија судијата Шахини ги оштетил имотот и интересите на државата, нанесувајќи штета на Буџетот во висина од над 200.000 евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира