Визер го откажа денешниот лет од Скопје за Тревизо (Венеција) по декретот на италијанската Влада со кој цела Ломбардија и 14 други северни провинции се ставени во карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот. Во зоната на ограничено движење спаѓаат и Милано и Венеција, северноиталијански градови до кои унгарскиот нискобуџетен превозник има редовни линии за Скопје.
Компанијата соопшти дека ги суспендира сите летови кон Милано, Бергамо и Тревизо до 3 април.
На веб страницата на компанијата е објавено дека може да се очекуваат и други откажувања на летови за кои компанијата има продадено мал број карти. Ќе се мониторираат сите линии и летовите за дестинациите за кои има мал интерес ќе бидат откажани, соопшти компанијата. Патниците чии летови се откажани ќе бидат известени 14 дена пред закажаниот лет и ќе им биде понудена алтернативна дестинација или враќање на парите за картата.
Летовите од Скопје за Рим – Чампино не се откажани.