Во случајот во кој за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластувања, Бесправно градење и Несовесно работење се обвинети 11-мина, од кои првообвинет е ексградоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, на четворицата обвинети кои признаа вина денеска им се придружи уште еден, поради што се одложи оценката на ова обвинение, кое обвинителката Вилма Русковска го поднесе во октомври. Засега не признал вина Јакимовски и уште 5 лица.
Како што соопшти Обвинителството, откако обвинетите ќе се спогодат со јавниот обвинител, Предлог-спогодбите ќе бидат доставени до судија на претходна постапка кој во рок од три дена од доставувањето треба да закаже рочишта по поднесените Предлог-спогодби. За лицата со кои јавниот обвинител нема да постигне спогодба и за обвинетите што не дадоа изјави за признавање на вина закажано е ново рочиште за оценка на обвинителниот акт за 26 декември.
Според Обвинителниот акт, обвинети се 11 лица – градоначалник, осум административни службеници од општина Карпош и две одговорни лица во фирма – изведувач и надзор. Првообвинетиот Јакимовски сторил повеќе кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.3 и едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик. Едно лице сторило кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 од Кривичниот Законик, на седуммина им се става на товар кривично дело Несовесно работење во служба од чл.353-в ст.5 и две лица, со опишаните дејствија во обвинението, сториле кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик.
Јакимовски, како првообвинет, се товари дека во периодот од 2011-2017 година, како службено лице – Градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.
С. К. ДЕЛЕВСКА