ВЛАДАТА ИТНО ДА ГИ СТОПИРА КОНЦЕСИИТЕ ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ШАР ПЛАНИНА, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ

    ВЛАДАТА ИТНО ДА ГИ СТОПИРА КОНЦЕСИИТЕ ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ШАР ПЛАНИНА, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕЕколошките здруженија му испратија писмо на премиерот Заев во кое велат дека итно мора да престане уништувањето на Шара.(Фото: СДК.МК)

    Под итно да сопрат постапките за доделување на концесија за изградба на мали хидоцентрали на Шар Планина, побараа екологистите од премиерот Зоран Заев и Владата. Еколошките здруженија Еко свест и Македонско еколошко друштво му испратија писмо на премиерот Заев во кое велат дека итно мора да престане уништувањето на Шара, за која се спрема закон за прогласување за национален парк.

    „Прогласувањето на Шар Планина за национален парк го сметаме за еден од најважните приоритети во насока на зачувување на исклучително богатата природа на земјата и даваме целосна поддршка на овој процес и неговото што побрзо финализирање. За таа цел, Владата треба да ги прекине сите постапки за доделување концесии за мали хидроелектрани и да ги раскине договорите за доделени концесии за мали хидроелектрани чија изградба сè уште не е започната на територијата на планината. Со итно раскинување на четирите доделени концесии, како и со прекинување на постапката за петте концесии од минатогодишниот тендер, Владата ќе демонстрира посветеност на процесот за заштита на Шар Планина и ќе отвори простор тој да се забрза“, се вели во писмото на еколошките здруженија до премиерот Зоран Заев.

    Екологистите велат дека причината зошто во нашата земја се бележи пораст на изградени мали хидроцентрали е поради нивното субвенционирање од страна на државата. Доколку овие проекти не беа финансиски поддржани, ќе се изградеа само оние најпрофитабилните, во број значително помал од сегашниот. Од здруженијата објаснуваат дека минатата година, над 13 милиони евра се доделени на повластени производители на електрична енергија од мали хидроелектрани, а сончевата енергија била субвенционирана со три пати помала сума.

    Пред два месеци повеќе невладини здруженија, еколошки и планинарски друштва и жители на Тетово и селата Бозовце, Вешала, Вејце и Вратница обединети во  иницијатива наречена „Зелен фронт против малите хидроцентрали“ протестираа барајќи спас за Лешница и изградбата на мали хидроцентрали. Тие велат дека досега се изградени 11 мали хидроцентрали, но се планира да се градат уште 15.

    Владата во мај годинава ги прифати предлозите за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и Министерството за животна средина и просторно планирање ја почна постапката за донесување на законско решение.

    Од Министерството соопштија дека во постапка е анализа на коментарите од јавноста и нова серија на директни средби со засегнатите страни заради ревизија и усогласување на предлогот.

    „На барање на министерот Насер Нуредини, експертскиот тим составен од стручни лица од Министерството, експерти кои ја изработуваа Студијата за валоризација, претставници на UNEP и тимот од Меѓународната Унија за конзервација на природата, кој е задолжен за изработката на Планот за управување на идното подрачје, во континуитет преземаат теренски активности и во директни преговори со засегнатите страни ги разгледуваат и решаваат прашањата од Нацрт законот кои се од интерес на локалното население, активните стопански субјекти во подрачјето, како и пошироката јавност“, велат од Министерството за животна средина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира