ВЛАДАТА ДА КАЖЕ КАКО ДОЈДОВМЕ ДО ПОЗИЦИЈА БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА СО БУГАРИЈА ДА БИДАТ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    ВЛАДАТА ДА КАЖЕ КАКО ДОЈДОВМЕ ДО ПОЗИЦИЈА БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА СО БУГАРИЈА ДА БИДАТ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА, ВЕЛИ ДИМИТРОВСпоред учесниците на трибината организирана од Институтот за европска политика и Институтот за демократија, францускиот предлог е штетен и носи бугаризација на процесот, а не суштинско откочување на процесот и почнување на преговорите.(Фото: К.Попов)

    Владата да не молчи, туку веднаш да го отфрли францускиот предлог за одблокирање на евроинтеграциите на земјава, кажаа учесниците на денешната трибина организирана од Институтот за европска политика и Институтот за демократија. Според учесниците, францускиот предлог е штетен и носи бугаризација на процесот, а не суштинско откочување на процесот и почнување на преговорите.

    Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров кажа дека францускиот предлог не нè носи кон членство во Европската унија, туку ‘во тесно сокаче обременето со барањата на Бугарија при што се прават преседани кои ќе имаат последици и за другите држави кандидатки‘.

    Како паднавме од тоа да не се билатерализира преговарачката рамка, до тоа сега да е падната и билатералните прашања се внесени во проговарачката рамка. Како тоа стигнавме од политичка волја да се иницираат уставни измени за внесување на бугарско малцинство на крајот на процесот, до тоа да биде на почеток како услов да се почнат преговорите, притоа ветувајќи ама не обезбедувајќи двотретинско мнозинство. Како така лесно е направен тој чекор без притоа да се побара Бугарија да ја тргне унилатералната декларација од македонскиот јазик. Додека Бугарија не се откаже до таа агенда да не ‘отрезни‘ нас Македонците тој проблем нема да биде решен. Има голема одговорност како дојдовме до ваква позиција. Јас мислам дека народот не смее да ја плаќа цената, ако Владата се чувствува слаба, неспособна и очајна“, кажа Димитров.

    Директорот на Институтот за демократија Марко Трошановски смета дека Собранието веднаш треба да закаже седница на која ќе се разгледува францускиот предлог и како тој одговара на резолуцијата која беше донесена од сите политички партии.

    Сметаме дека предлогот е штетен, Владата треба да биде гласна, да се одбие во ова форма и да се побараат корекции. Не сакаме да прифатиме процес без поширока општествена поддршка, во случајот нашето општество не знае за што се преговара. Владата не смее да остане нема, очекувањето дека земјите членки ќе не заштитат со тоа што нема да го прифатат предлогот бидејќи се внесуваат билатерални прашања, е погрешно. Доколку ние со молкот прифаќаме внесување на билатерални прашања или бугаризација на процесот не верувам дека земјите членки ќе се противат на тоа со оглед на состојбата во Украина и тоа што на ЕУ и треба итен успех на Западен Балкан“, кажа Трошански.

    Поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев на дебата кажа дека со Бугарија живееме во паралелни светови и дека мнозинството бугарски граѓани сметаат дека Македонија е бугарска земја и таквиот став го негуваат во учебниците за основно образование.

    Ние 30 години имаме лош приод во преговорите. Мора јасно да се кажеме дека за јазикот и идентитетот не преговараме и да истраеме во тој наш став, а не да попуштаме“, рече Ѓорчев.

    Премиерот Димитар Ковачевски вчера кажа дека тој и Владата нема да го коментираат францускиот предлог кој во моментов дипломатите од МНР го анализираат, затоа што сè уште не е усогласен од сите 27 земји членки на ЕУ.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира