До денеска 1.067 државни институции не доставиле податоци до Антикорупциска комисија за бројот на служебни коли кои ги имаат. Антикорупциска комисија објави листа на институциите кои не доставиле никакви податоци со што го прекршиле Изборниот законик.
Меѓу институциите се и Владата, Град Скопје, дел од министерствата, општините и јавните здравствени установи.
Согласно со член 8-б став 2 од Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, до Државната комисија за спречување на корупцијата, да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат.
„Согласно член 8-б став 5 од Изборниот законик, доколку горенаведените субјекти не ги достават податоците, Државната комисија за спречување на корупцијата покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.Имајќи во предвид дека постои правна празнина, односно во Изборниот законик не се предвидени прекршочни санкции за непочитување на наведената обврска, ДКСК нема можност за покренување на прекршочни постапки по овој основ“, велат од Антикорупциска комисија.
Во изборната кампања политичките партии не смеат да ги користат служебни коли за партински митинзи и средби со граѓани.