Владата на денешната седница одлучи да постапи по препораките на УНЕСКО, за да се зачува статусот Светско наследство на Природното и културното наследство на Охридскиот регион. Оваа одлука на Владата следи откако УНЕСКО во најновиот извештај препорачува да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на загрозено светско наследство.
„Владата го задолжи заменикот на претседателот на владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со канцеларијата на премиерот да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции којашто ќе постапи по забелешките на УНЕСКО, за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО“, соопшти Владата.
Според одлуката на владата предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020. Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во регионот и да го достави до владата најдоцна до први септември оваа година.
„Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат предлог план за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и да биде доставен до владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември годинава. Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО“, соопшти владата.