На седница на Владата е симната забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство и наскоро ќе може да се вратат, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција за 100 дена Влада.
„Имаше една забрана од Владата од август 2022, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните. Пред три недели ја поминавме на Влада одлуката да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство подготвуваме правилник. Тоа нема да важи за сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба. Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме“, рече Таравари и најави дека за 10 дена ќе биде готов правилникот.
На 5 април годинава, проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво кажа дека годишно од Македонија во странство си одат 200 до 250 лекари од јавното здравство.
„Низ годините бројката на лекари варирала, можам да ви кажам еден пресек, од минатиот век до сега. Бројката која била на почетокот на 20. век од 60-тина лекари, која нараснала во 1990-тите на 18 илјади, сега се движи меѓу 6 и 7 илјади лекари, кои се медицински доктори. Тука не ги вбројуваме фармацевтите, стоматолозите“, рече д-р Димитров во април.
Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари лани кажа дека тешко се наоѓа термин за преглед кај специјалист, поради одливот на специјалистичкиот кадар од јавното во приватното здравство.
„Секој пациент бара термин за специјалистички преглед. Бараат термини за мамографија, за кардиологија, а нив ги нема. Факт е дека ние во Македонија, во јавното здравство имаме сѐ помалку специјалисти. Секој може да провери дека термини нема или тешко се доаѓа до нив. За пример нека провери секој, колку термини има слободни на Кардиологија. Сѐпоголем е одливот на колегите од јавното здравство од болниците, во приватното здравство. Има болници како што се тие во Велес, Кавадарци, Кочани, Битола, каде има по еден специјалист и ако тој замине на одмор или е на боледување, пациентите од тој град мора да ги праќате во друг. Така дојдовме во ситуација да се развива здравствен туризам. Има случаи од Велес пациенти да се праќаат во Тетово“, кажа д-р Чолакова-Дервишова лани во август.
Во јули 2019, Собранието ги усвои измените на Законот за здравствена заштита, со кои се укина плаќањето по учинок на докторите и се избриша временската рамка за преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи. Со укинување на плаќањето по учинок на здравствените работници, нивната основна плата и делот за успешност се утврдуваат согласно колективниот договор.
Б. НЕСТОРОСКА