Министерството за здравство доби одобрение од Владата да формира хибридна мултифункционална операциона сала на Клиниката за неврохирургија, со која треба да се воведе и роботска хирургија.
„Министрите во Владата ја разгледаа и усвоија информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување постапка за доделување повеќегодишен договор за јавна набавка за оформување на хибридна мултифункционална операциона сала, со изведување на потребните градежни работи и набавка на потребната медицинска опрема за потребите на Универзитетска клиника за неврохирургија“, соопшти Владата.
Новите методи за работа на Клиниката за неврохирургија министерот за здравство Венко Филипче, кој и самиот е неврохирург, ги најави пред два месеци, при отворањето на новиот оддел за интензивна нега во оваа здравствена установа.
Тој кажа дека планираат следната година да воведат хибридна операциона сала со мобилен ангиограф и да набават робот „Да Винчи“, со кој воведат роботска хирургија. Тој тогаш кажа дека планираат роботот да го користат клиниките за неврохирургија, дигестивна хирургија, урологија и гинекологија.
„Ова се модерни методи, кои го олеснуваат лекувањето на нашите пациенти, го скратуваат времето на престој во болница, а со тоа и самите резултати од лекувањето. Предноста на роботска хирургија е што е минимално инвазивна, самата интервенција пократко трае и пократко е времето за закрепнување на пациентот. За почеток по двајца доктори од секоја од овие клиники ќе ги пратиме на едукација, а потоа ќе следи и набавката на роботот“, рече тогаш Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА