ВЛАДАТА МУ ПРЕДЛОЖИ НА УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ОДБИЕ ИНИЦИЈАТИВАТА НА АДВОКАТОТ НА ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ ЗА ПРЕФРЛАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА ОД ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА КОМИСИИТЕ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

    ВЛАДАТА МУ ПРЕДЛОЖИ НА УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ОДБИЕ ИНИЦИЈАТИВАТА НА АДВОКАТОТ НА ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ ЗА ПРЕФРЛАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА ОД ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА КОМИСИИТЕ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИЗа Владата е неприфатлива иницијативата на адвокатот на експремиерот Никола Груевски до Уставниот суд со која се бара одговорноста за јавните набавки да се префрли на комисиите, а вискоите функционери да бидат заштитени од гонење за злоупотреба на службената положба. (Фото: Влада)

    Владата донесе одлука со која му предлага на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата од адвокатската канцеларија Еленко Миланов, која ги застапува Никола Груевски, Миле Јанакиески и други поранешни функционери во случаите на СЈО, за поведување постапка за оценување на уставноста на член 196 и член 100 став 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната редовна прес конференција, кажа дека Владата му предлага на Уставниот суд да ја отфрли оваа иницијатива, за да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од високи функционери од поранешната Влада за кои во моментов се водат постапки од Специјалното јавно обвинителство.

    „Со оваа иницијатива на адвокатската канцеларија, која застапува еден од поранешните високи функционери, се бара преиспитување на уставноста на два члена на од Кривичниот законик, со цел одговорноста за јавните набавки да се префрли врз комисиите за јавните набавки и од каква било одговорност да бидат заштитени функционерите. Ова не е во согласност со правна држава. Законите ќе важат за сите и Владата смета дека оваа иницијатива е целосно нелогична. Истовремено со иницијативата се бара предметите кои се водат во овој момент, а се однесуваат на кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластување, да бидат запрени сè додека Уставниот суд не се произнесе. Ова е неприфатливо во ниту една форма. Амнестија во Република Македонија нема да има за кој било што се огрешил пред законот без разлика на етничка припадност или политичка припадност“, рече Бошњаковски.

    Од досегашните обвиненија на СЈО има педесетина обвинети во 11 предмети, кои се гонети за кривичното дело злоупотреба на службената положба. Меѓу нив се и поранешните функционери и министри Миле Јанакиески во „Топлик“ и „Траекторија“, Јанкуловска во „Тенк“ и „Таргет“, Мијалков во „Трезор“, Канчевска Милевска во „Тендери“.

    Е. БОЧВАРОСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира