ВЛАДАТА МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА БУЧКОВСКИ, ОД ДЕНЕСКА ПОВЕЌЕ НЕ Е СПЕЦИЈАЛЕН ПРЕТСТАВНИК ЗА БУГАРИЈА

    ВЛАДАТА МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА БУЧКОВСКИ, ОД ДЕНЕСКА ПОВЕЌЕ НЕ Е СПЕЦИЈАЛЕН ПРЕТСТАВНИК ЗА БУГАРИЈАНа 30 ноември лани Владата му го продолжи мандатот на Бучковски, а денеска го разреши; - Од средабата со тогашниот бугарси премиер Бојко Борисов во Софија на 10 декември 2020 (Фото: Фејсбук)

    Владата која го назначи, на денешната седница го разреши Владо Бучковски од позицијата специјален претставник за Република Бугарија.

    „Владата му благодари на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои придонесе кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во време на предизвици кои подразбираа потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија“, вели Владата необјаснувајќи кои се причините за разрешувањето на претставникот за Бугарија.

    Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави, односно меѓу мандатарот за премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков, согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите учесници во досегашните процеси.

    Новата влада на Ковачевски ќе се бира во Собранието на седницата закажана за 15 јануари.

    Истава Влада на чело со Зоран Заев, му го продолжи едногодишниот мандат на Бучковски седницата на 30 ноември 2021, па нејасно е сега зошто се премислува, уште недојден Ковачевски за премиер. Во меѓувреме, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, цело време бара Бучковски да биде отповикан, зашто смета дека тој нема капацитет и способности да посредува во нерешениот проблем што го има Бугарија кон Македонија.

    Поранешниот премиер и министер за одбрана Бучковски, Владата го назначи за специјален претставник за односите со Бугарија на 1 декември 2020. Владата тогаш соопшти дека именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е „да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира