ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД „ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА“ КАКО НАЈДОБАР КОМПРОМИС

    ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД „ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА“ КАКО НАЈДОБАР КОМПРОМИСОд Владата денеска преку соопштение информираа дека „Република Илинденска Македонија“ е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни.(Фото: Влада)

    Владата не се откажува од предлогот „Република Илинденска Македонија“ за решавање на спорот за името со Грција и го смета како најдобро решение.

    Од Владата денеска преку соопштение информираа дека „Република Илинденска Македонија“ е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни.

    „Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина. Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година. Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција“ се вели во владиното соопштение.

    Од Владата велат дека ќе ги продолжат разговорите со грчката Влада сè до наоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор.

    Премиерот Зоран Заев после вчерашната лидерска средба изјави дека Република Илинденска Македонија на македонски, Republic of Ilinden Macedonia на англиски и Republika Ilindenase e Maqedonisë на албански е решението зад кое тој стои. Решението предвидува името да биде за севкупна употреба, што подразбира и уставна измена. Именувањето на јазикот би било македонски, а меѓународните кодови за земјава би останале исти МКД и МК.

    Од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера попладне соопштија дека за Грција е прифатливо име со географска или временска одредница, какви што се предлозите на посредникот Метју Нимиц, индиректно отфрлајќи го предлогот на Македонија „Република Илинденска Македонија”.

    По изјавите на двете страни во преговарачкиот процес во спорот за името се огласи и американскиот потпретседател Мајк Пенс кој на Твитер напиша дека се слушнал со грчкиот премиер Алексис Ципрас и му кажал дека заедно со македонскиот премиер Зоран Заев имаат историска шанса да го решат спорот за името и да промовираат мир и стабилност во регионот.

    „Зборував со грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска. Му се заблагодарив за лидерството, заедно со македонскиот премиер Заев, за напорите кон решавање на долготрајниот спор за името. Историска можност. Се надевам дека двете страни можат да постигнат заемно прифатлив договор и да промовираат мир и стабилност во регионот“, твитна Пенс.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира