ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА ПОМОГНЕ ПРИ РЕСТАВРАЦИЈАТА НА НОТР ДАМ

    ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА ПОМОГНЕ ПРИ РЕСТАВРАЦИЈАТА НА НОТР ДАМКатедралата Нотр Дам по пожарот остана без средновековниот покрив и една од кулите (Фото: АП)

    Владата го задолжи Министерството за надворешни работи на нашата земја да стапи во контакт со француското МНР за координација во врска со помошта на меѓународната заедница за реставрација на опожарената црква Нотр Дам, соопшти владината прес-служба по денешната 130. седница.

    Ова се прави со цел да се определи најсоодветна поддршка од Република Северна Македонија во знак на солидарност за обновата на овој грандиозен споменик од цивилизациско значење, додаваат од Владата.

    Катастрофалниот пожар што избувна вчера во катедралата Нотр Дам во Париз околу 18.50 часот целосно го уништи средновековниот покрив и урна една од препознатливите кули, но катедралата стара 850 години беше спасена од целосно уништување по неколкучасовните напори на пожарникарите. Тие, исто така, успеаја да спасат непроценливи реликвии и уметнички дела од внатрешноста на катедралата, кои привремено ќе бидат сместени во музејот Лувр.

    Обвинителството отвори истрага за пожарот, но полицијата кажа дека тој најверојатно почнал случајно во поткровјето и го поврза со скапиот процес на реновирање на катедралата.

    На седницата, Владата на РСМ донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на  македонскиот јазик како празник од работен карактер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира