Образложението на заменик министерот за правда Оливер Ристовски за разрешувањето на Јавниот обвинител Марко Зврлевски е кратко, сублимат на неколку прес-конференции на СДСМ, без анализа за неговото работење, кажа Илија Димовски координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение од собраниската седница, на кој што на дневен ред дојде разрешувањето на Зврлевски.
„Нема податоци за работењето на обвинителот Марко Зврлевски, анализа, дали бил успешен или не во работата. Слушнавме само краток сублимат на неколку прес-конференции на СДСМ. Ова е доказ дека новата влада не планира да ги унапреди стандардите и работењето, туку води чисто партиска политика“, рече Димовски во репликата до заменик министерот за правда.
Координаторот на втората пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски рече дека единствената вина на Зврлевски е тоа што го фати градоначалникот на Струмица Зоран Заев во барање поткуп.
„Зоран Заев станува премиер, па премиерот сака да го разреши Марко Зврлевски, бидејќи ги знае сите детали за случајот ‘Поткуп’ кој што го има отворено Јавното обвинителство. Сега сака да стави послушник кој ќе го направи Заев невин во случајот ‘Поткуп’“, рече Милошоски.
Заменик министерот за правда Ристовски одговори дека не станува збор за партиски реваншизам, бидејќи Зврлевски го разрешува Владата, а не Зоран Заев како градоначалник Струмица..
„Зврлевски се разрешува бидејќи не работеше професионално и не покрена ниту еден случај за криминалите што ги правеше дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ристовски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери после неколку говори на пратениците даде пауза до 15 часот.
Г. ТРПЕНОСКИ